Од милионскиот канабис-бизнис само полни магацини


Од канабис-бизнисот најавен како милионски, производителите по две години имаат само полни магацини со цвет и масло. Не можат да го продадат ни на домашниот ни на странскиот пазар. За да ги променат состојбите на незнаење, немање соодветна регулатива и неангажираност, компаниите што се лиценцирани за одгледување на канабис преку здружение во Стопанската комора, „Макканабис“, ќе ги решаваат проблемите.

Божидар Кошча од компанијата „Оаза алкалоиди“ од Штип вели дека досега вложил над 8 милиони евра во производството, но тоа е само почетна инвестиција, зашто за да извезува, му треба европски сертификат, а само една посета на инспектори за стандардизација чини меѓу 20 и 30.000 евра.

„Дополнително треба да поседуваме и македонска лиценца која се дава за период од три години“, рече Кошча, додавајќи дека очекува да ги заврши сите процедури и да направи извоз до крајот на годинава.

Од „Макканабис“ велат дека на домашниот пазар има само една фирма што дала оглас дека откупува масло од канабис, но и таа побарала фирмата да има исполнето ЕУ-стандард.

„Затоа сега со резервите може да ги задоволиме 10-годишните потреби на ‘Реплек’. Ние почнавме, а никој не ни даде упатство како треба да ни изгледаат фабриките. Во регулативата не е точно дефинирано што е медицински, а што рекреативен канабис, ниту која е постапката за производство. Мора да се дефинира кој е овластен да контролира. Владата треба бргу да реагира“, побараа производителите, кои веќе дале допис со барања до Министерството за здравство и Владата. Немаат забелешки за степенот на либералност на законот, зашто не го ограничува процентот на учество на психотропната супстанција во производот. Побараа и прецизни правилници, за што најавија и личен ангажман.

Во земјава работат 23 компании со лиценци.

(А.С.)