Од Љубљана до „Форбс“- одржливата колекција на „Лудус“ го освојува светот


На 14. Април македонскиот моден бренд „Лудус“ ја прикажа новата колекција за претстојната сезона есен-зима 2022/23 година во рамките на Љубљанската модна недела. По покана на организаторите ова беше петто претставување на „Лудус“ на словенечката публика и покрај одушевувањето на публиката и интересот што клиентите го покажаа на продажниот шоурум што се одржа ден по ревијата, македонската модна етикета се најде во интернет статија на престижниот магазин „Форбс“ меѓу 10-те најдобри брендови од Љубљанската модна недела.

 

Колекцијата прикажа 20 целосни изгледи и преку 40 производи од различни категории. Меѓу популарните кошули со издолжени пропорции, по кои брендот е познат на словенечката публика, се најдоа и сакоа, мантили и јакни од 100% природна волна со деконструирани шал-крагни и куси плисирани пантолони искомбинирани во безродови стајлинзи. Беа претставени рачно боени производи од памук и рачно плетени хеланки од памук како и чевли направени во соработка со локален занаетчија  – кондураџија.
Доследно на визијата започната со првата колекција од серијалот насловен „Пост-родовост“, шестото поглавје ја зајакнува темата на елиминирање на родовите улоги и ги преиспитува концептите на женственост и машкост во модната индустрија.
Брендот се залага за еколошко и етичко производство, па така материјалите се 100% природни, дел се обоени со природни состојки, а дел ги оживуваат локалните занаети и им даваат употреба во современото дизајнерско производство.

Колекциите на „Лудус“ од  Драган Христов, дипломец на Академијата за ликовни уметности „Брера“ во Милано ги сочинуваат родово неутрални парчиња од висококвалитетни природни материјали изработени во естетски, минималистички, монохроматски и склуптурни силуети. Најновиот чекор на етикетата во одржливото и еколошко производство е рачното боење со природни ботанички состојки на дел од материјалите и производите, како и кроењето со нула отпад и оживувањето на локалните занаети и нивна трансформација во современи дизајнерски производи.
Ludus, -i (лат.) – игра, шега, забава, лудорија