Од Личеноски до Мартиноски – изложба „Париски рефлексии“ по повод Меѓународниот ден на Франкофонијата
Изложба со дела на македонските основоположници кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни, денеска ќе биде отворена во 12 часот во изложбениот простор Чифте амам во рамки на одбележување на Меѓународниот ден на Франкофонијата, а во организација на Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје.
На отворањето на постановката насловена „Париски рефлексии“, пред публиката и љубителите на уметноста ќе се обратат директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими, амбасадорот на Франција во државава Сирил Бомгартнер и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Париска школа е назив за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност.
Оваа школа и уметноста на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20-от век, бидејќи македонските современи уметници оделе во Париз на специјализации и студиски престои, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати на регионалните универзитети и академии за ликовни уметности.
На изложбата ќе бидат изложени дела од основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски и автори од втората и третата генерација македонски едуцирани уметници во чии дела се чувствува влијанието на Париз: Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова.
– Во еден селектиран, а концизен концепт и презентација, ќе се претстават најрепрезентативните дела од колекцијата на Националната галерија на Северна Македонија, а воедно и ќе се даде пресек на самиот развој на модернизмот во македонската уметност од почетокот на 20-от век и преодот од фреско-живопис и иконопис, кон уметност на световни мотиви, информираат од Националната галерија по повод изложбата.