Од Културниот центар „Иван Михајлов“ велат дека ги чекаат реакциите од амбасадите


Бугарско и македонско знаме на Широк Сокак во Битола

Писмата што ги испратија до четири амбасади се истоветни со она доставено до бугарскиот претседател Румен Радев, само е променето заглавието на примателот. Од Културниот центар за „Независен“ изјавија дека тоа бил нивниот глас до јавноста

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – „Сѐ што имавме да им соопштиме на јавноста за состојбите со Бугарите во Македонија стои во писмата испратени до амбасадите. Засега тоа е нашиот глас до јавноста, ги очекуваме реакциите од амбасадите“, изјавија во телефонски разговор за „Независен“ од најтесното раководство на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола. И уште порачаа дека секој што сака да ги следи состојбите да ставел „лајк“ на нивната страница.

Во разговорот тие не сакаа да откриваат повеќе детали, но велат дека нивната работа како културен центар е јавна и транспарентна и секој нивен потег го објавуваат на Фејсбук страната „Културен центар ‘Иван Михајлов’ Битола“.

„Центарот вчера ги објави на својата Фејсбук страница писмата испратени до амбасадите на САД, Германија, претседавачот со ЕУ, Португалија, како и до Делегацијата на Европската унија. Сите наши реакции се содржани во тие писма, сѐ е јавно“, велат од Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Тие не сакаат да коментираат кои се тие стереотипи со кои се соочувале во јавноста поради тоа што се декларирале како Бугари, а кои ги наведуваат во писмата. 

Тие писма се истоветни со писмата до бугарскиот претседател Румен Радев и до други бугарски функционери, само што во заглавието е променето името на оној кон кого е насочено.

Културниот центар е основан во март 2019 година. Тоа е прва институција, без оглед што е невладина организација, која во Македонија го носи името на контроверзниот Иван Михајлов, кој во историјата е запишан како последен лидер на ВМРО пред да биде забрането во 1934 година од тогашната бугарска влада и чие владеење со организација имаше за резултат невиден број убиства меѓу Македонците во Пиринска Македонија и во Софија. Луѓето на ВМРО извршија и атентати на многу високи бугарски политичари во тоа време. Михајлов, роден во штипско Ново Село, не ја признаваше посебноста на македонскиот народ, туку Македонците ги сметаше како дел од бугарската етничка маса, но се залагаше за формирање на независна Македонија.

При крајот на окупацијата на Македонија во Втората светска војна Иван Михајлов беше повикан од германските нацистички сили да дојде во Скопје од Загреб за да формира независна квинслиншка држава во Македонија. Но, по само неколку дена престој на крајот од август и почетокот од септември 1944 година тој си заминува затоа што веднаш увидел дека такво нешто не е можно поради масовното антифашистичко расположение на народот.

Членовите на Културниот центар во Битола во писмото испратено до претседателот на Бугарија, Румен Радев, на 17 февруари 2021 и потпишано од претседателот на центарот Љупчо Георгиевски, меѓу другото велат дека се соочуваат со огромен проблем во врска со претстојниот попис во Северна Македонија.

„Стереотипите против нас сè уште се во учебниците по историја и овие стереотипи го нарушуваат нашето право на слободно изразување. Така имаме апсурдна ситуација: десетици илјади одат во Софија за бугарско државјанство. Со своите потписи се декларираат како ‘Бугари по потекло’, а овде на пописот не се осмелуваат да се запишат како македонски Бугари. И покрај масовната кампања против овие луѓе во Македонија, тие не се помалку патриоти на својата земја. Тие ја сакаат Македонија дури и повеќе од другите. Тие не се ‘фашисти’, ‘Татари’ или кое било малцинство, туку голема заедница на Македонци кои го зачувале својот бугарски идентитет. Нашата јавна сатанизација нè принудува тука да се оправдаме дека бараме бугарски пасоши затоа што сакаме да патуваме во Европа. Ова секако не е точно, затоа што дури и со македонски пасош патувате без виза за Европа, а во исто време повеќето македонски Бугари немаат намера да ја напуштат својата татковина Македонија“, стои во писмото до претседателот Радев.

Пред десеттина дена од Центарот испратија писма и до премиерот Бојко Борисов, и министрите Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева.

Културниот центар „Иван Михајлов“ Битола пред пандемијата имал своја канцеларија во центарот на градот, но сега заради кризата таа е ставена во мирување. И покрај напорите да се лоцира канцеларијата во уличка споредна од Широк Сокак, таму  нема ниту табла ниту каков било натпис дека тоа е седиштето на Центарот. На Широк Сокак се вее знамето на Бугарија на балкон од куќа во која е сместено седиштето на здружението за македонско-бугарско пријателство.

Инаку објавите на Културниот центар „Иван Михајлов“ Битола се следени и коментирани, а на Фејсбук страната има над 3.300 следачи. Меѓу коментарите има и прашања дали на претстојниот попис ќе може да се декларираат како Бугари, а ако не тогаш да се бојкотира пописот. Но од Културниот центар на коментарот на граѓанинот возвраќаат, ќе има можност да се напише Бугарин, бидејќи ништо нема да се добие со бојкот. 

Бројни се и прашањата каде може да се поднесат документи за бугарски пасош. Културниот центар пред три дена ги објави измените во законот за бугарско државјанство за полесно добивање на бугарски пасош.

Во соопштението стои дека бугарското собрание ги изгласа долгоочекуваните измени за бугарско државјанство. Според новите измени лицето што сака да добие бугарско државјанство треба да поднесе молба и документи кои докажуваат дека има барем родител Бугарин, баба или дедо.

Во коментарите под објавата стојат коментари дека не траба пасоши туку директно лични карти дека се Бугари.

Сликата пред бугарскиот конзулат во Битола, кој е двестотини метри над зградата на Општина Битола покрај реката Драгор со години е иста – десетици граѓани во редица секојдневно чекаат пред вратите на конзулатот во најголем дел во обид да добијат бугарски пасош. Но, не се само битолчани, ги има од сите градови во државата, што се гледа од регистарските таблички на автомобилите. Најчесто се млади лица од двата пола и не сакаат да зборуваат за причината зошто се пред вратите на конзулатот.