Од крштевки на свадби, се шират кластерите на коронавирусот


Фото: Б. Грданоски

Скопје останува главно жариште на коронавирусот во Северна Македонија по регистрираните нови 131 случај. Состојбата во Штип и Тетово се смирува, но останува проблемот со групните собири низ земјата

 

Јунскиот тренд на троцифрен раст на бројот на заразени од коронавирусот продолжи и вчера со нови 175 случаи. Причините за ширењето на заразата остануваат непроменети: непочитување на мерките.
-Од крштевка во Охрид со 200 гости и свадба во Скопје со 100 сватови досега се регистрирани 22 позитивни на вирусот, а стотина луѓе се испратени во изолација. Дополнителен проблем е што присутните на прославата одбивале да соработуваат со епидемиолозите и инспекторите.

„И покрај забраната, луѓето прават масовни собири. Нешто што апсолутно нема логика. И го осудувам, го осудуваат сите здравствени работници“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Скопје и натаму го држи приматот со 131 случај и, според Филипче, останува единствено жариште на Ковид-19 во земјата.

На територијата на целата држава има и нови кластери, но во рамки на главниот град вирусот се шири низ истите кластери преку кои започна вториот бран, и сега е стигнат до трето и четврто колено на контакти.

„Сега постепено, согласно спласнувањето во Штип и постепено во тетовско, сконцентрирани сме на сузбивање на преносот на заразата тука во Скопје. Препораките на Kомисијата остануваат исти и бараме апсолутно да се почитуваат од сите граѓани, заради тоа што пред нас e уште долга битка со вирусот“, изјави Филипче на вчерашната прес-конференција.

Освен почитување на мерките, Филипче предупредува и од зачестените случаи на давање неточни податоци поради кои се повеќе здравствени работници одат во изолација. (Дојче Веле)