Од ковид почина 17-годишна девојка


Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни болести утрово починала 17 годишна пациентка од село Сопотиница, Демир Хисар.
 
Младата пациентка имала хроничен дијабетис и не била вакцинирана. Тегобите кај пациентката се појавиле девет дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје. Според лекарските извештаи, на 18 октомври младата пацинетка за првпат побарала лекарски преглед во КБ Битола.

 

Пациентката била донесена во болница со ниска сатурација, отежнато дишење и болки во телото и мускулите. Овие симптоми пациентката ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола.

Поради сериозност на состојбата задржана е во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка. За пациентката, поради тежината на состојбата, возраста и коморбидитетите, веднаш е организиран транспорт на КИБФС во Скопје. На 19 октомври пациентката со возило на итна помош е донесена на клиниката во многу тешка состојба. За време на транспортот била на постојана кислородна поддршка под надзор на медицински тим во возилото. Во тек на лекувањето на клиниката доаѓа до прогресивно влошување на состојбата со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рентгенграфски наод и клиничка слика. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот дена драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите превземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови починала.