Од Ковид-19 почина првиот македонски министер за одбрана Ристо Дамјановски
На 84 години од компликации од корона вирусот почина генерал Ристо Дамјановски, првиот министер за одбрана во независна Македонија. Дамјановски заврши Воена академија во поранешната СФРЈ, а потоа докторираше на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Надвор од воените должности Дамјановски извршуваше и општествени функции. Во експертската влада на Никола Кљусев беше министер за одбрана како активен офицер. По одредени несогласувања Дамјановски си поднесе оставка и него го наследи првиот цивилен министер за одбрана Трајан Гоцевски. Оттогаш на чело на Министерството за одбрана е цивил.
Ристо Дамјановски по пензионирањето беше и претседател на Организацијата на резервните воени старешини, а беше активен во своите анализи на геополитичките случувања во светот и Европа. Беше колумнист на сега згаснатиот „Утрински весник“ каде неговите толкувања на геополитичките игри на големите сили имаа посветена читачка публика.