Од колку места земаат државни пари кадрите на ВМРО-ДПМНЕ?
Премиерот Христијан Мицкоски вчера објави јавно дека неговиот досегашен советник за здравство, Игор Николов, ќе биде иден амбасадор на Македонија во Франција. Куриозитет е она што го кажа потоа Мицкоски, дека Николов бил негов советник со полно работно време, што значи, според премиерот, дека е редовен член на неговиот кабинет и зема плата од 90.000 денари.
Она пак што е уште поинтересно, е дека Николов објавил самиот дека работи и во Универзитетската клиника за нефрологија како доктор нефролог и е дел од редовниот медицински состав. Што значи дека и таму зема плата, додека е советник кај Мицкоски и дополнително си го полни буџетот.
Уште поинтересно е дека Николов, како веројатно незаменлив кадар на ВМРО-ДПМНЕ, е на платен список и на Општина Бутел каде што е актуелен општински советник, па и претседател на Советот, што значи дека вкупно заработува две плати и еден функционерски надомест. Кога успева секаде да сработи нешто, за да заработи тоа што го плаќаат граѓаните, бидејќи сите надоместоци му се на државен трошок, е тема за подлабоко истражување.
Мицкоски има и друг советник што зема и плата од државна институција и плата од неговиот кабинет, а Бојан Христовски, актуелниот директор на АНБ, само што ја доби функцијата, стана и асистент на универзитетот „Климент Охридски во Битола“, што значи дека и тој е на два платни списока на државата.
Очигледно, стана редовна појава тие што имаат пристап „до медот“ рачето да го ставаат што подлабоко, иако јавноста беше шокирана од случајот со Бесмира Ејупи, која под заштита на ДУИ додека беа на власта земаше хонорари и плата од осум државни институции и заврши како дипломатка во странство. (Н.В.)