Од каде се изнедрија основачите на контроверзниот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“

Првиот човек на бугарскиот клуб донеодамна бил член на ВМРО-ДПМНЕ, но сега не го ажурирал членство, велат од партијата. И други членови на бугарскиот клуб биле дел од ВМРО-ДПМНЕ


Отворањето на бугарскиот клуб беше со иконографија во црвено-црна боја, како и официјалното знаме на ВМРО-ДПМНЕ

 

БИТОЛА – Чии партиски членови се првите луѓе на Клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Особено претседателот Љупчо Георгиевски и останатите повидни претставници на клубот во Битола. Фејсбук повторно е поле за пресметка меѓу членови и приврзаници на политичките партии во Битола, особено по прашањето од каде се изнедрија основачите на контроверзниот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“. Па почнаа да се споделуваат фотографии на претседателот на клубот Георгиевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и со други видни членови на партија, меѓу кои и Антонио Милошоски. Се објави и фотографија на Георгиевски со поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Битола не негираат дека основачите на клубот „Ванчо Михајлов“,  биле членови на нивната партија, но со последното ажурирање на членството не се евидентирани.

„Не се активни членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од промената на власта во 2017 година не се забележани на наши активности“, велат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Битола.

На самото отворање на Клубот во саботата доминираше и иконографија во црно-црвена боја што требаше да претставува асоцијација на ВМРО. Црвената и црната се официјалните бои на оригиналното ВМРО и на сегашново ВМРО-ДПМНЕ. Покрај знамињата на Македонија и на Бугарија имаше неколку венци од балони во црвено-црна боја. 

„Во саботата битолчани кафе пиеја на Широк Сокак, а сега пет дена ‘вреска’ Фејсбукот за отворањето на бугарскиот клуб во Битола“. Вакви се реакции на дел битолчани и по пет дена од отворањето на бугарскиот културен центар во Битола којшто го носи името „Ванчо Михајлов“. Забележуваат дека во саботата кога се отвораше клубот во Битола, под силно полициско обезбедување, на протестите излегоа едвај педесетина протестирачи, додека на Фејсбук сите се прикажуваат „патриоти“ и ги критикуваат државната и локална власт, институциите што дозволиле да се отвори клуб под името „Ванчо Михајлов“.

Првиот човек на бугарскиот клуб Љупчо Георгиевски сликан заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Љупчо Георгиевски пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

„Фејсбук гори со реакции за отворањето на ‘културниот’ центар во срцето на градот, со име кое буди сѐ само не пријатни спомени за нашите предци. Се изначитавме проза и поезии за тоа кој е виновен, како треба(ло), колку не ни се способни политичарите. Така е, браво, реакција мора да има затоа што дојдоа и пак ни покажаа кој е кој. Тие ‘администраторите’…

Арно ама, таму на протест имаше околу 50 луѓе! Од нив веројатно триесеттина со чиста мисла, од душа, патриотски, без задни намери, затоа што ги боли. Останатите седевме дома, спремни над телефон/тастатура. А така-не се брани национално достоинство“, реагира Горан Пинза, граѓански активист од Битола, поранешен новинар.

Претседателот на клубот, Љупчо Георгиевски со Антонијо Молошоски (втор од лево), како и со поранешниот претседател Ѓорге Иванов