Од кабинетот на Џафери нема да ги објаснат навредите кон службениците


Претседателот на Собранието Талат Џафери нема да дава никаква изјава денеска за новинарите во врска со вчерашниот инцидент, велат од кабинетот на спикерот во изјава за „Слободен печат“. Ваквиот став следи откако во јавноста се појави снимка од пленарна седница на која се слуша како претседателот на Законодавниот дом, Талат Џафери, со вулгарности и висок тон им се обраќа на собраниските службеници.

Според објаснувањето од кабинетот на Џафери, одговорноста е на тие што не го исклучиле тонот и не ја прекинале снимката. Оттаму не сакаа да коментираат дали Џафери ќе понесе некаква одговорност.

Снимката која се појави на социјалните мрежи е извадок од преносот на седницата на Собранискиот канал на МРТВ, а според коментарите на објавите, таа е направена по завршувањето на седницата. Собранискиот спикер веројатно не знаел дека микрофоните и натаму се вклучени и дека преносот сѐ уште трае.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторно повторија дека снимката е одраз на „примитивизмот во практикувањето власта, недостојно за Собрание на Република Македонија“.

„Оваа потврдена снимка од Талат Џафери во прашање ја доведува и неговата деловна способност, но и дали зад вулгарностите постојат зависности на Талат Џафери коишто предизвикуваат апстиненцијални кризи и невозможност за рационално водење на седниците на Собранието?- стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.