Од јуни попусти за младите со „Младинска картичка“


Очекуваме во јуни да почне имплементацијата на проектот „Младинска картичка“. До крајот на овој месец ќе објавиме повик за да аплицираат младите. Го имаме направено дизајнот на картичката и очекувам најмалку триесетина илјади млади да аплицираат за да можат да ја добијат и да имаат соодветен попуст. Картичката е наменета за сите млади на возраст од 15 до 29 години зашто заслужуваат да имаат подобро секојдневие, поволности и бенефиции. Ова е една од мерките што е во насока да ги задржи младите, да им понуди квалитетен живот со цел да почнат да размислуваат и да останат во државата, изјави за МИА директорот на Агенција за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски.
Проектот „Младинска картичка“ е најавен кон крајот на 2018 година. Во моментов има од 300 до 500 субјекти: кафулиња, ресторани, театри, киносали, транспорт, железница и други кои ќе дадат одредени попусти во нивните услуги. АМС има склучено Меморандум со сите овие субјекти и ќе им биде дадена налепница што ќе ја залепат на своите објекти.
Каевски информира дека таа ќе биде и европска картичка, односно младите ќе можат да уживаат во поволностите и во други европски држави. Се разговара со Министерството за образование и наука по неколку години таа картичка да може да биде и платежна, да може студентите да добиваат стипендии на неа, да има преку неа и субвенционирани оброци и други мерки што ќе се преземаат.

Картичката е бесплатна, а кандидатите ќе треба да пратат податоци за себе и фотографија.