„Од истото тесто – стихови за смртта и надежта“- бугарското издание на Бранко Цветкоски на промоција во Софија
Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија вечер од 18:30 часот ќе биде промовирано бугарското издание на поетската книга „Од истото тесто – стихови за смртта и надежта“ од Бранко Цветкоски, објавена од издавачката куќа „Захариј Стојанов“ од Софија и преведена од Роза Бојанова.
КИЦ на РСМ во Софија соопшти дека на промоцијата ќе се обратат издавачот Иван Гранитски, преведувачката и писателка Роза Бојанова, писателот Димитар Христов и авторот Бранко Цветкоски.
Во осврт кон оваа книга на Цветковски, писателот и книжевен критичар Санде Стојчевски вели дека неговата најнова книга поезија „носи спрегнат, повеќеслоен, возбудливо рефлексивен наслов од чиј центар може да се извлечат нијанси и разгатки што упатуваат на позиција според која сè вкупом извира од една иста формула“.
-Колку и да успеваат да се раздалечат составките на тоа несогледливо и таинствено СÈ, на какво и да е растојание до кое можат да стасаат во амбицијата за да се достигнат себе, колку и да се засолнат во лушпата на посебност и да се потргнат во различност, станува јасно дека и границата помеѓу „овој и оној свет“ е само наша умисла, неотстранлива условност, слаб привид од утеха. Всушност, дали е воопшто нужно да стане збор за утеха, зашто се покажува дека тоа заедништво, таа сеопфатна поврзаност на сè што е одавде и оданде, не е никаква ускратеност или каква и да е пречка кон сопствено профилирање, туку широка порта која води кон мисловна просветленост дека „под исти прсти се извива музиката на вечноста“, дека нема друга сушност, друго тесто, како што пее поетот“, пишува во освртот кон книгата.
Бранко Цветковски (Слатино, Охридско, 1954) е македонски поет, литературен критичар, есеист, преведувач, публицист и издавач.