„Од исто тесто – стихови за смртта и надежта“ нова поетска книга од Бранко Цветкоски


Македонскиот поет Бранко Цветкоски ја објави новата поетска книга „Од исто тесто“, со поднаслов – стихови за смртта и надежта, во издание на „Макавеј“.

Песните од книгата, псочува издавачот, се настанати во последните четири години и ја претставуваат на извесен начин најзрелата поетска фаза на Цветкоски кој низ гласот на вечно зачудениот творец ја воспева онтологијата на смртта како дел од филозофијата на човековото постоење.

Ова обемно поетско дело на Цветкоски е проследено и со две есеистички толкувања на Санде Стојчевски и на владиката Давид Нинов.

-Најновите песни на Бранко Цветкоски може уште долго, со високо отчетен критичарски јазик да се коментираат, да се толкуваат, да им се загледуваме во насетувањата, во питијските двојни текови, да им се вслушуваме во ехото, но тактичноста нè предупредува да не им пречиме на сите што влегуваат или се враќаат од текстот, од овие лирски беседи во кои пее дури и хоризонтот, кои се во дослух со сложените филозофски системи, па едноставно восхитот и оцената да ги искажеме преку парафраза на еден стих, благодарни за ефикасната позајмица на која ништо не треба да ѝ се додаде или одземе: Ух, какви песни!, вели, меѓу другото, во својот разглед Стојчевски.

Епископот Давид, пак, ги анализира онтолошките допири на темите во книгата, од духовен аспект.

-Цветкоски е сестрана поетска личност со издржана поетска онтологија, со неисцрпно богатство на јазикот, со дидактички и профетски дискурс, со ритам во гномичниот спев, со естетика и етика, кои имаат длабоки цивилизациски корени. Неговата нова книга „Од исто тесто (стихови за смртта и надежта)“, отвора еден нов хоризонт на неговата пол-нозначна личност и го вкотвува на пиедесталот на македонската поезија. А, таквиот поет, и секој друг род, го чувствува за свој!, констатира епископ Давид.

Бранко Цветкоски е автор на 26 книги поезија, критика и есеистика и публицистика. Во 2014 година се печатени неговите Избрани дела во шест тома. Објавил над 30 преведени и препеани книги од видни балкански, европски и светски поети, прозаисти и публицисти, главно репрезенти на словенските литаратури. Одделни поетски книги или избори од поетското творешетво на Цветкоски се преведени и објавени на 18 светски јазици.

Добитник е на 18 високи македонски и меѓународни литературни награди и признанија како и на Државната награда „Свети Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста од интерес за Република Македонија, во 2009 година.

Член е на Македонскиот ПЕН центар, на Друштвото на писателите на Македонија, на Словенската литературна и уметничка акaдемија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин коoрдинатор за РС Македонија и почесен член на Сојузот на бугарските писатели.

Еден е од востановителите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач на издавачката куќа „Макавеј“ и на списанието „Книжевно житие“.