Од Хрватска лани заминале 46.000 лица


Во ЕУ лани се преселиле за 25 отсто повеќе граѓани на Република Хрватска од претходната година, пишува Јутарњи лист, наведувајќи дека одливот на населението нагло опаднал за време на пандемијата, но во 2022 година го достигнал нивото пред пандемијата.

Минатата година беше прва во последните 15 години во која, според официјалната статистика, бројот на луѓе кои дошле да живеат во Хрватска бил поголем од бројот на оние кои ја напуштиле Хрватска. Разликата, според прелиминарните податоци на Националното биро за статистика објавени на крајот на јуни, била значителна – во Хрватска дошле 57.972 лица, а од Хрватска се иселиле 46.287.

Сепак, анализата на деталните податоци за миграцијата, објавена од државната статистика неодамна, покажува дека позитивниот миграциски биланс е првенствено резултат на бегството на украинските граѓани наспроти руската агресија и дека емиграцијата на хрватските граѓани не е запрена. Напротив: бројот на хрватски граѓани кои се иселиле во 2022 година од Хрватска е за 26 отсто поголем од претходната 2021 година, а трендот на емиграција се врати на предпандемиското ниво од 2019 година.

Во конкретни бројки, минатата година од Хрватска официјално емигрирале 32.739 хрватски државјани, додека во 2021 година тој број бил 25.950. Мнозинството, очекувано, емигрирало во другите земји на Европската унија, пред се во Германија, каде што заминале речиси половина од сите емигранти (14.148).

Растот на бројката луѓе кои се преселуваат во земјите на ЕУ во однос на 2021 година е околу 25 отсто. Во 2020 година, првата година на корона, бројот на емигранти хрватски граѓани беше уште помал и падна на нивото од 2014 година – годината по влезот на Хрватска во Европската унија.

Економската криза во Хрватска во тоа време се уште силно се чувствуваше, невработеноста беше висока, а куповната моќ слаба. Отворањето на границите поттикна бран на емиграција во побогатите земји, а бројот на емигранти со хрватско државјанство драстично растеше од година во година.

Рекордот беше поставен во 2017 година, кога дури 45.367 нејзини граѓани ја напуштија Хрватска. И тоа според податоците на официјалната статистика, што значи дека станува збор само за оние граѓани кои веднаш го пријавиле местото на живеење во полиција и пријавиле преместување.

Статистичките податоци за пристигнувањето на хрватските државјани во други земји, пред се во Германија, Австрија и Ирска, покажаа дека реалниот број на емигранти е многукратно поголем, пишува Јутарњи лист.