Од Холивуд во изолација: Атиџе е во Бекирлија со своите пчели


Откако се прошета по оскаровскиот црвен килим, го виде Лос Анџелес и му се израдува на океанот, по враќањето во Скопје, ѕвездата на „Медена земја“ Атиџе Муратова (56) посака малку да се повлече и да се посвети на пчелите.

Вонредната состојба во Македонија како мерка за заштита од ширењето на коронавирусот ја дочека во родното село, Бекирлија, каде најдобро се чувствува, во природа и со своите пчели.

„Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, македонскиот документарен филм со историски две номинации за Оскар, вчера беше повторно во фокусот на јавноста. Синоќа имаше светска ТВ-премиера на ТВ Телма.

Документарецот за фасцинатниот  и скромен живот на Атиџе Муратова како пчеларка која одгледува диви пчели во зафрленото напуштено овчеполско село Бекирлија, прво победи на фестивалот „Санденс“ во САД, па учествуваше на повеќе од 80 филмски фестивали и освои над 40 меѓународни награди.

Филмот беше на репертоарите на кината во Скопје повеќе од 13 недели, а  го гледаа вкупно 45.200 гледачи во кината и во домовите на култура, во 30 градови низ Македонија.

Се впиша како првиот документарен филм во светската историја што добил номинации за Оскар и за најдобар документарец и за Најдобар странски филм.

Мудрата пораката на Атиџе: „Земи половина од медот, но остави ја другата половина за пчелите“, или скромната: „И да ми помогнат со чаша вода, ќе бидам задоволна“ уште долго ќе живее во колективната меморија на овој народ.