Од Фондот за иновации побарани 12 пати повеќе пари од понудените


Тим од пет странски експерти ќе донесе финална одлука кои од 368 домашни компании што конкурирале со проекти ќе добијат финансиска поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Од овие 368 компании, 162 се микро, 181 мали, а 25 средни.

Од ФИТР велат дека повеќе од половината од компаниите се регистрирани во главниот град, додека другите се распоредени низ 30 општини од целата земја, меѓу кои и: Гостивар, Охрид, Куманово, Свети Николе, Делчево, Ново Село, Валандово, Крива Паланка и Вевчани. Најголем дел од нив се од ИТ-индустријата, по што следуваат технолошкиот и здравствениот сектор, текстилната/кожната индустрија, земјоделството, а има и предлог-проекти за примена на иновации во машинското инженерство и туризмот.

Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании е нешто над 87 милиони евра, од кои 67% или над 58 милиони евра се побарано учество на Фондот, додека 33 проценти или околу 29 милиони евра се сопствени средства кои апликантите планираат да ги вложат во домашната економија. Иницијално предвидениот буџет за овој јавен повик е 5 милиони евра, со што аплицираниот износ се надминува за речиси 12 пати.

„Овие рекордни бројки и огромниот интерес на компаниите на јавните повици на ФИТР претставуваат јасен знак на доверба во процедурите и инструментите на Фондот. Истовремено, ова е уште еден показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат и сопствени средства во развој и иновации“, соопштија од ФИТР.

Во фазата на претселекција влегоа 455 компании, за чија евалуација беа ангажирани 95 надворешни стручни лица во 22 економски дејности. Секоја апликација се разгледува од три стручни лица одделно, а проектите што добија минимум 51 поен во просек преминуваат во финалната фаза. Проектите се оценуваат според дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот. Јавниот повик се реализира во рамки на Планот за економски раст на Владата, во чие финансирање од оваа година се вклучи и Светската банка како финансиски партнер.