Од „Фајзер“ до „Модерна“: Кој ќе заработи милијарди од вакцините против КОВИД-19?


Компаниите очекуваат најголеми добивки – тоа го посакуваат и акционерите кои веќе направиле богатство

 

Пристигнувањето на вакцините против КОВИД-19 ветува враќање на понормалниот живот, а исто така создаде глобален пазар вреден десетици милијарди долари годишна продажба за некои фармацевтски компании, пишува лондонски „Гардијан“.

Меѓу најголемите добитници ќе бидат „Модерна“ и „Фајзер“ – две многу различни американски фармацевтски компании, кои наплатуваат над 30 долари по лице за потребните две дози на нивните вакцини. Додека Модерна е основана пред само 11 години, никогаш не оствари профит и вработуваше само 830 луѓе пред пандемијата, корените на Фајзер се уште во 1849 година, минатата година оствари нето профит од 9,6 милијарди долари и вработува речиси 80.000 работници.

Но, други производители на лекови, како британско-шведската АстраЗенека и американската фармацевтска компанија „Џонсон и Џонсон, се обврзаа да ги обезбедуваат своите вакцини на непрофитна основа сè додека не заврши пандемијата.

Дали овој пазар ќе продолжи да „врти“ многу пари во иднина зависи од тоа дали вакцините ќе треба да се примат само еднаш – како што е за сипаници – или пак ќе бидат редовна вакцинација, како што се оние против грип. Но, во блиска иднина се очекува голема финансиска добивка, проценува Гардијан, пренесува Блиц.

Еве кој може да очекува најголема добивка – и чии акционери веќе стекнаа богатство.

Фајзер/Бионтех

Вакцината Комирнати на „Фајзер“, развиена со германски „Бионтех“, се базира на реконструирана mRNA – молекула што испраќа генетски упатства од ДНК во „машината“ за производство на протеини во клетката. Оваа вакцина е прва одобрена и таа мора да се чува на екстремно ниски температури (-70 степени Целзиусови).

Владите нарачаа околу 780 милиони дози, вклучително САД (200 милиони дози за 3,9 милијарди долари) и Европската комисија (300 милиони), додека 40 милиони дози ќе одат во земјите со пониски примања преку Ковакс. Чини 39 долари за две дози во САД и околу 30 долари во ЕУ.

Очекуваната продажба во 2021 година е од 15 до 30 милијарди долари, а „Фајзер“, кој ги дели трошоците и маргините на профит подеднакво со „Бионтех“, очекува 15 милијарди долари од продажба во 2021 година врз основа на тековните договори. Конечната бројка може да биде двојно поголема, бидејќи „Фајзер“ вели дека потенцијално може да испорача 2 милијарди дози оваа година. Аналитичарот на Баркли, Картер Гулд предвидува продажба во вредност од 21,5 милијарди долари во 2021 година, 8,6 милијарди долари следната година и 1,95 милијарди долари во 2023 година, под претпоставка дека вакцината ќе се даде еднократно.

Цената на акциите на „Фајзер“ се зголеми за 1,8 проценти во последните 12 месеци, а на „Бионтех“ за дури 156 проценти. Основачите на „Бионтех“, сопругот и сопругата Угур Сахин и Озлем Туречи – двајцата лекари – станаа мултимилијардери минатата година, кога потенцијалот на вакцината и договорот со Фајзер поттикнаа раст на акциите.

Модерна

Вакцината произведена од американската биотехнолошка компанија со седиште во Масачусетс, мора да се чува на температура на замрзнувач (-20 степени Целзиусови). Велика Британија нарача 17 милиони дози, ЕУ купи 310 милиони со опција за дополнителни 150 милиони во 2022 година, додека американската влада нарача 300 милиони вакцини. Јапонија купи 50 милиони дози. Модернанаплатува 30 долари за потребните две дози во САД и 36 долари во ЕУ.

Очекуваната продажба во 2021 година е од 18 до 20 милијарди долари. Модерна соопшти дека очекува продажба од 18,4 милијарди долари во текот на тековната година. Аналитичарот на Баркли, Џин Ванг предвидува продажба од 19,6 милијарди долари, потоа 12,2 милијарди долари во 2022 година и 11,4 милијарди долари во 2023 година, под претпоставка дека вакцинацијата ќе се повторува.

Цената на акциите скокна за цели 372 проценти во текот на изминатите 12 месеци, а групата инвеститори кои ја поддржаа компанијата кога е основана во 2010 година ќе постигне значителен поврат на парите. Извршниот директор, Стефан Бансел, 48-годишен Французин, поседува 9 проценти од акциите, кои сега вредат речиси 5 милијарди долари.

Џонсон и Џонсон

Вакцината нан компанијата „Џонсон и Џонсон, прва вакцина во светот со една доза против КОВИД-19, е изработена од нивниот оддел Јансен во Белгија. Користи аденовирус-26, ретка варијанта на вирусот на обична настинка. Одобрен е во САД на крајот на февруари и може да се чува на стандардни температури во фрижидер најмалку три месеци. Големите нарачки ги вклучуваат САД, Велика Британија (30 милиони дози плус опција за 22 милиони), ЕУ (до 400 милиони дози) и земјите преку Ковакс (500 милиони дози до 2022 година).

Очекуваната продажба во 2021 година е до 10 милијарди долари. Компанијата сака да испорача најмалку милијарда дози оваа година, што би и донело 10 милијарди долари. Американската влада порача 100 милиони дози, со можност за купување на уште 200 милиони, а цената е 10 долари по доза.

Цената на акциите на компанијата се зголеми за 7,7 проценти во текот на изминатите 12 месеци.

АстраЗенека

Вакцината развиена со Универзитетот во Оксфорд, користи модифициран вирус на настинка од шимпанзо и може да се чува во фрижидер. Вирусните векторски вакцини користат безопасен вирус за да доставуваат дел од генетскиот код до клетките. Големи нарачки пристигнаа од Велика Британија (100 милиони), ЕУ (до 400 милиони), САД (300 милиони) и Јапонија (120 милиони).

Очекуваната продажба во 2021 година е од 2 до 3 милијарди долари. Аналитичарите на компанијата „СВБ Леринк предвидуваат продажба од 1,9 милијарди долари оваа година и 3 милијарди долари во 2022 година. Бројката за 2021 година може да биде далеку поголема доколку „АстраЗенека“ ја постигне својата амбициозна цел од 3 милијарди дози. Компанијата се обврза да ја доставува вакцината на непрофитен начин за време на оваа пандемија и наплатува од 4,3 до 10 долари за две дози.

Цената на акциите на компанијата падна за 8,6 проценти во последните 12 месеци.

Синовак

Вакцината КоронаВак е одобрена за итна употреба во повеќе кинески градови од минатото лето, а беше одобрена од кинескиот регулатор на почетокот на февруари. „Синовак“, со седиште во Пекинг, склучил зделки со Бразил, Чиле, Сингапур, Малезија и Филипини. Во јануари, Турција и Индонезија започнаа кампањи за вакцинација со оваа вакцина. Синовак“, исто така, планира да достави 10 милиони дози вакцини во системот Ковакс.

Очекуваната продажба во 2021 година се мери во милијарди долари, но не е прецизно дефинирано колку. Синовак“ вели дека оваа година може да произведе повеќе од милијарда дози. Цената на вакцината е 60 американски долари за две дози во некои кинески градови. Индонезискиот партнер Био Фарма, кој нарача најмалку 40 милиони дози, соопшти дека ќе чини 27,20 американски долари на локално ниво.

Акциите на компанијата паднаа за 21,6 проценти во изминатата година.

Фото: Б. Грданоски

Институт Гамалеја / Руски фонд за директни инвестиции

Иако сè уште не е одобрен од регулаторот на ЕУ, Унгарија и Словачка ја купија руската вакцина Спутник V. Вкупно, таа е порачана од повеќе од 50 земји, вклучувајќи ги Иран, Алжир и Мексико. „АстраЗенека“ тестира комбинација на својата вакцина во две дози со Спутник.

Очекуваната продажба во 2021 година не е прецизирана, но веројатно се работи за милијарди. Инженерите се обидуваат масовно да го произведуваат Спутник во Русија, но РДИФ, суверен фонд, минатиот месец за Фајненшл тајмс изјави дека потпишал договори со 15 производители во 10 земји за производство на 1,4 милијарди дози. Најавено е дека потребните две дози во странство ќе чинат 20 долари или помалку, но ќе бидат обезбедени бесплатно за Русија.

Новавакс

Вакцината Новавакс користи мал фрагмент од лабораториска верзија на протеинот Сарс-КоВ-2. Американската фирма се надева на регулаторно одобрување во Велика Британија, САД и други земји во првата половина на годината. Компанијата истражуваше вакцини повеќе од 30 години и никогаш порано немала одобрена вакцина. Досега е договорено да бидат испорачани 300 милиони дози, вклучително и Британија (60 милиони дози), ЕУ, Канада и Австралија. Се надева дека ќе произведува 150 милиони дози месечно и се очекува да биде поевтина од конкуренцијата. Според „Фајненшл тајмс“, компанијата се согласила да наплаќа 3 долари по доза во Африка. Вакцината исто така ќе прави во Стоктон-он-Тис, на североисток од Англија, и може да се чува во фрижидер.

Очекуваната продажба во 2021 година е „неколку милијарди долари“. Врз основа на овие зделки, Новавакс изјави оваа недела дека гледа „потенцијал за приход од неколку милијарди долари во следните 12 месеци“. Ова ќе расте бидејќи Новавакс очекува да може да направи 2 милијарди дози годишно до средината на 2021 година, благодарение на партнерството со Институтот за серум во Индија.

Цената на акциите на компанијата се зголеми за 1,128 проценти во последните 12 месеци, а најголемата финансиска добивка ќе ја имаат менаџерите на фондови како што се Vanguard и BlackRock, кои се најголеми акционери.

КјурВак

CureVac очекува да ги објави резултатите од доцната фаза на тестирање за својата вакцина CVnCov во април и се надева дека ќе добие одобрение од ЕУ до јуни. ЕУ однапред нарача 225 милиони дози со можност да купи дополнителни 180 милиони. За разлика од другите mRNA вакцини, CureVac може да се чува на температура на ладилникот. Заедно со ГСК, кој е сопственик на речиси 10 проценти од германската компанија, тие се обидуваат да ја развијат следната генерација на вакцини за неколку новоразвиени верзии на Ковид-19 во една вакцина.

Очекуваната продажба во 2021 година не е позната, бидејќи цените сè уште не се откриени, но тие очекуваат профит.

Компанијата која котира на Насдак има намера да произведе до 300 милиони дози оваа година и 600 милиони до 1 милијарда дози во 2022 година. CureVac вели дека нивната вакцина има потреба од помалку активна состојка од конкуренцијата, но инсистира на тоа дека не може да ја понуди по цена на производство, бидејќи инвеститорите очекуваат поврат на парите.

Акциите на компанијата скокнаа за 45,5 проценти, а најголем акционер е германскиот милијардер Дитмар Хоп, ко-основач на софтверската компанија САП. Тој поседува повеќе од 80 проценти од CureVac, што сега вреди повеќе од 12 милијарди долари.