Од фадо до труба: Заврши 14. Издание на Фестивалот на музика од светот во Битола


Синоќа во големата сала на Центарот за култура во Битола , кој е и организатор на овој необичен фестивал, со настапот на македонската група „Лилит“ заврши годинешното издание на овој фестивал кој го слави жанрот world music, еве веќе 14 години.  

Жанр, кој добива на значење во последната деценија и на кого се посветени цели фестивали ширум светот. Таков е и овој во Битола, кој на две локации годинава понуди музика од различни меридијани.  

“И оваа година, одлични концерти, сјајна атмосфера, силни реакции на публиката, добар нетворкинг на домашните и странските гости на фестивалот, на нивните менаџери, промотери, новинарите…а кое како организатори, отсега размислуваме за идното јубилејно издание на овој необичен по многу нешта фестивал” -изјави Маја Андоновска Илијевски, директор на НУ Центар за култура на синоќешното затворање.

Ако зборуваме музички, ова е најекспортабилен домашен музички проект, со оглед на фактот што светот е жеден за егзотиката на овој жанр, од друга страна нема голема продукција кај домашните музичари, заради ограничените средства и кај нив, за да работат на нова музика. Оттука и проблемот, што да се селектира од домашна музика и што од светот квалитетно да се донесе дома. Конечно, Центарот за култура од Битола сака да го привлече вниманието на пошироката публика, особено новите генерации со цел да ги поттикнат во правец на откривање на различни музички традиции, како и кон авторска музика инспирирана од најразлични културни наследства.

Со вакви размисли, оваа година организаторот се бореше неколку месеци пред самиот фестивал, но со изборот и концептот и оваа година докажа дека може да се направи тридневен фестивал без големи средства и да се понуди необична и интересна програма за широк појас на публика, полнејќи ги двете сцени кои функционираа за официјалната и офф програмата.

Под слоганот „Време е за светскиот звук, дома. Дојди и откриј нова музика„ и со необични визуали кои беа дело на графичкиот дизајнер Димитар Ристовски започна кампањата и преку социјалните медиуми и преку регуларните телевизии, радија и портали за да се анимира публика, која навистина дојде во огромен број, што секогаш е репер за успех на еден фестивал.

Од фадо звуците на брилијантната интернационална ѕвезда, португалката Joana Amendoeira, која дојде со нејзиниот бенд на отворањето, преку еден поинаков звук на Балканот споен преку Фонтана која негува традиционална македонска музика, збогатена со звуците на Битолскиот камерен оркестар IWConnect и гостите Даница КРСТИЌ вокалистка на Балканика од Србија,  Ангел Демирев на гитара од Бугарија и нашата домашна ѕвезда со светска слава Џамбо Агушев на труба, до фузијата на џез и современа музика на Лилит, разиграниот и сосема свој звук на Фолтин, до електрониката на белградското ДЏ дуо Luton & Šćepine Vragolije, кои настапија во клубот Јагода кој е етаблирани место на андерграунд и електронска музика.

Така изгледаше програмата  на ова 14. издание кое понуди од традиционален звук, преку музика на артисти кои имаат оригинален и необичен пристап на традиционалниот материјал, до време и простор за светска музичка журка.