Од Европската комисија се интересирале за нашите приоритети во енергетиката


Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска остварила работна средба со Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан (ENEST.B) од  Генералниот директорат за соседство и проширување (DG NEAR) при Европската комисија.

Како што соопштија од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, средбата била иницирана од страна на директорката Суперти, со цел запознавање и размена на мислења за приоритетите во енергетскиот сектор, можностите за продлабочување на соработката со Европската комисија, како и за идентификување нови заеднички проекти и механизми за поддршка на реформските процеси.

– Во фокусот на разговорот беа потенцијалните можности за финансиска и техничка поддршка од страна на ЕК, особено во делот на развој на енергетската инфраструктура, зголемување на користењето обновливи извори на енергија, дигитализација на индустријата и унапредување на законодавната рамка во согласност со европските стандарди, соопштија од Министерството.

Министерката Божиновска ја истакнала важноста на европската поддршка за трансформацијата на енергетскиот сектор, а директорката Суперти ја потенцирала посветеноста на Европската комисија за поттикнување на структурни реформи и економски развој во регионот.

Средбата биила оценета како конструктивна и отвори простор за идни интензивни комуникации и конкретни чекори во насока на зајакнување на партнерството со Европската комисија.