Со екологија до бизнис


Филантропија за зелени идеи е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора , Србија, БиХ и Грција.

Терминот „зелени идеи“ означува идеи кои придонесуваат кон животната средина, кои користат ресурси од локалната заедница и кои придонесуваат кон одржлив развој како интеграција на локалните, економските, социјалните и еколошките потреби и приоритети на заедниците.

АРНО го администрира националниот конкурс од 2015 година и се гордее со досегашните победнички идеи на регионалниот натпревар.

Кристиан Шопов, добитник на награда претходната година за започнување илузионистички бизнис за промоција на екологија и поддршка на маргинилизираните лица- „Еко илузија“, на најинтересен начин им ја приближува екологијата на децата, а преку нив и на возрасните – преку илузија.

На презентацијата на новиот конкурс, во четвртокот, тој покажа трик со кој „исчезна“ пластично шише и стаклена чаша, но самиот вели тоа е илузија, „ги лажам вашите очи“. „Отпадот не исчезнува магично, тој останува, а за негова разградба потребни се стотици или илјадници години. Затоа треба да се рециклира. Пластиката ја фрламе во жолтата кантичка…“, вели Шопов, кој ги охрабри годинешните потенцијални апликанти за натпреварот, својата бизнис идеја да ја претстават со срце.

По започнувањето бизнис, тој одржа едно „магично шоу“ во Скопје, околу Нова година, кое беше многу посетено, а во соработка со „Пакомак“ посетува училишта каде преку илузинистичко шоу им покажува на децата како правилно да се справуваат со отпадот.

„Често, децата откако ќе го изгледаат неговото шоу, на родители им велат не сакаме пластични чашки, лажици и сламки на роденденската прослава, Кристан вели дека се опасни“, рече Ирена Јаневска претседателка на АРНО.

„Илузионизмот е фасцинантен сам по себе, а кога станува дел од екологијата, тогаш настанува магија“, вели Јаневска.

Како што појасни Јаневска, годинешниот конкурс почна на 10 април, а ќе заврши на 2 јуни, за потоа да бидат прогласени финалистите и победниците, кои пак ќе учествуваат на регионалниот натпревар, кој годинава се одржува во Албанија. Тројцата национални победници ќе бидат македонски претставници на „Форумот за развој на филантропија во Западен Балкан“ кој ќе се одржи 9-12 јули во Албанија. Избраните идеи ќе треба да се презентираат од страна на претставниците за време на Форумот. Избраните тројца национални претставници од тимот на АРНО и тимот на МКА2000 ќе добијат насоки и поддршка во однос на подготовката за презентација на нивните идеи на Форумот.

На Форумот ќе се изберат четири најдобри идеи од регионот на Западен Балкан кои ќе добијат по 10.000 американски долари за поддршка на имплементацијата на зелената идеја.

Македонските победници добиваат и вредносен ваучер за консултантски услуги, доделен од сертифицираната Асоцијација за менаџмент и консалтинг „МКА 2000“.

Конкурсот е за избор на идеи/проекти за зелени претриемнички/бизнис идеи кои промовираат традиционална изработка на производи, поддршка на локални мали бизниси, кои користат ресурси од локалната заедница и кои потикнуваат иновативни идеи за развој на животната средина. Од годинава новитет  е новата веб-страница  на која може да се најдат сите податоци, како и апликацијата за конкурсот https://zeleniidei.mk/филантропија-за-зелени-идеи.

За да им се олесни подготовката на изработката бизнис-план и презентација, се организираат и четири работлници, две во Скопје и по една Битола и Кочани.

На конкурсот можат да учествуваат индивидуалци, социјални претприемачи, граѓански организации и мали приватни компании (со годишен профит не поголем од 10.000 евра).

На конкурсот не можат да учествуваат индивидуалци и/или организации кои се членови на семејствата и/или блиски роднини на вработените во АРНО; индивидуалци или организации кои се дел од националното жири и/или нивни роднини; јавни претпријатија.

АРНО петта година по ред го организира натпреварот во Македонија, во соработка со Фондот на Браќата Рокфелер (Rockefeller’s Brothers Fund) од САД.(Б.Б.)