Од Димитрије Бужаровски до Камерниот мешан хор „Св.Климент Охридски“: Промоција и концерт на „Охридско лето“


 

Факултетот за музичка уметност – Скопје во соработка со НУ „Охридско лето“  организираат промоција на циклусот од осум книги „Димитрије Бужаровски – творештво и време“.

Промоцијата ќе се одржи во рамки на годинешното 62-ро издание на „Охридско лето“, вечерва во црквата „Света Софија“ во 20 часот.

Циклусот од осум книги Димитрије Бужаровски – творештво и време  е енциклопедиски авто-музиколошки проект кој го претставува богатото творештво од над 170 опуса на еден од најзначајните македонски современи композитори. Осумте книги групирано ги претставуваат делата според следните категории: оперите Деспина и мистер Докс и Шеќерна приказна, четирите симфонии и увертира, деветте концерти, трите ораториуми и двете кантати, делата за пијано и две пијана, солистичката и камерната музика, вокалните циклуси и песни и електронската музика. Во над 1700 страници од овие книги е прикажано времето и опкружувањето во кое е настанат овој опус по што следат детални формални, хармонски, полифони и инструментациски анализи. Книгите се придружени со богат фотографски материјал и нотни примери поставени во софтверот Сибелиус во кој е префрлено целокупното творештво на Димитрије Бужаровски.

Богатиот фактографски материјал воедно претставува и мала историја на македонската музичка култура во периодот од средината на минатиот век до денес, и во него се споменуваат многу личности кои оставија печат во развојот на современата македонска музичка култура.

Книгите се издадени во електронско издание и поставени за бесплатно преземање на веб-страницата на Aрхивот Бужаровски (BuzAr), а како издавач се јавува Факултетот за музичка уметност – Скопје. Со промоцијата на целокупното издание на овој редок капитален музиколошки зафат Факултетот за музичка уметност и „Охридско лето“ се вклучуваат во одбележувањето на 70-иот роденден на Димитрије Бужаровски, кој повеќе децении е професор на ФМУ и во два наврати бил и негов декан.

 Дејноста на Димитрије Бужаровски е длабоко поврзана и со фестивалот „Охридско лето“, извршувајќи  повеќе значајни функции како: претседател на советот, селектор, член на правниот комитет на ЕФА итн. На фестивалот, исто така се изведени и повеќе негови дела во кои во повеќето учествувал и како изведувач.

Во рамките на промоцијата ќе биде прикажано видео кое води низ страниците на овие книги дополнето со аудио и видео материјал од изведбите на делата за кои се говори.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на Камерниот мешан хор „Св.Климент Охридски“ при соборниот храм „Св. Климент Охридски“ Скопје.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во 21 часот,  под диригентската палка на Панче Јосифов.

Солисти на вечерта ќе бидат сопранот Биљана Јосифов, алтот Лидија Пшенко, тенотор Дејан Стоев, како и бас-баритонот Невен Силјановски.

Камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“ е формиран во1992 година при Архиепископскиот Соборен храм  „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Хорот редовно ја изведува првата македонска православна литургија  „Литургија на Св. Јован Златоуст”од композиторот Атанас Бадев.

Неговата основна дејност е опслужување на потребите на МПЦ – ОА и досега има одржано 1500 Воскресни (неделни) литургии, 500 Празнични литургии и 18 целовечерни годишни концерти.

Паралелно со оваа активност, хорот е присутен и на концертните подиуми во Македонија, како и на меѓународни фестивали. На меѓународната сцена хорот се појавува на фестивалот на православна – духовна музика во Хајновка, Р. Полска во 1998 и 2001 година, во категорија на професионални хорови каде се здобива со наградата Лауреат на фестивалот. Во 1999 година учествува на меѓународниот фестивал на духовна музика во Софија, Р. Бугарија, додека пак во 2000, 2002, 2007, 2013 и 2019 година хорот се претставува со целовечерни концерти во Рим, како и со целовечерен концерт и Воскресна литургија во 2008 година во Неиве област Алба  Р. Италија. Исто така, со целовечерни концерти хорот е присутен и на престижниот фестивал „Охридско лето“ и тоа  во: 1998, 2001, 2002, 2009 и 2012 година. Покрај богатиот репертоар на православна духовна музика од светските и македонските класични и современи автори, хорот на својот репертоар има и композиции од стари мајстори, композитори од романтичниот период, обработки на македонска фолклорна музика, како и црковни композиции од западната римо-католичка традиција. Хорот е составен од професионални вокални уметници, солисти, вокални педагози и хорски уметници.

Уметнички раководител и диригент на овој ансамбл е проф. м-р. Панче Јосифов.