Од денеска „зелени коридори“ на граничните премини од Србија кон Македонија


Фото: Б. Грданоски

Србија од денеска почнува со примена на системот на „зелени коридори“ на одредени гранични премини, меѓу кои и со Северна Македонија, во рамките на ЦЕФТА регионот, а кога ќе се исполнат пропишаните технички услови, во овој систем ќе бидат вклучени и други премини, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што сопштија од Стопанската комора на Србија (ПКС), системот на зелени коридори е воспоставен за олеснување на сообраќајот и трговијата со стоки во регионот, во услови на значително успорен транспорт заради дополнителни мерки за заштита на границите и населението од пандемијата со Ковид 19.

Зелените коридори претставуваат систем на гранични премини под посебен режим, на кои ќе се забрзаат царинските и други процедури. Граничните премини во овој режим отворени се 24 часа на ден, седум дена во неделата, а во Србија во овој режим ќе работат премините на Прешево, Сремска Рача, Гостун и Мердаре.

Првенствено тоа се храна и медицинска опрема кои во иднина ќе имаат приоритет на премин на т.н. „зелените коридори“ воспоставени за поефикасен транспорт и побрзо преминување на границите за сите стоки.

Најава за пристигнување на стоката на граничните премини ќе се одвива преку Електронскиот систем за размена на податоци помеѓу царинските администрации во рамките на ЦЕФТА.

-Граничните премини и зелените ленти во рамките на овој систем се отворени за сите видови на стоки, додека производите со посебно хуманитарно значење имаат дополнителен режим на претходна најава, кој обезбедува посебен приоритет на граничните премини по должина на зелените коридори, оценуваат во Стопанската комора на Србија.

Во овој режим вклучени се одредени производи наменети за исхрана на луѓето и животните, како и лекови, медицинска и заштитна опрема неопходна за сузбивање и заштита на населението од ковид 19 епидемијата.

Земјите од Централноевропскиот трговски договор (ЦЕФТА) го одобрија списокот на основните производи на кои треба да им се даде приоритет кога станува збор за прекуграничниот транспорт со цел да се обезбеди соодветно снабдување во услови на кризата од ковид-19.

Претседателот на ПКС и на Комората на инвестицискиот форум на Западен Балкан, Марко Чадеж, на крајот на март упати апел до претседателот на Европската комисија, Урсули фон дер Лајен, Западен Балкан да се приклучи во системот на „зелени коридори“ на ЕУ, што го олеснува и забрзува превозот на стоки.

Сите потребни санитарни мерки и списокот на производи може да се најдат на веб-страницата на ЦЕФТА.