Од денеска се воведуваат зонски посети на Акропол
Атина– За да се избегнат долгите чекања, за да се заштитат спомениците, но и за да се ограничи бројот на посетители на 20.000 лица дневно, од денеска на Акропол се воведуваа програмата за зонски посети, која од април следната година ќе се примени во сите археолошки локалитети во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку официјалниот сајт hhticket.gr, посетителите ќе можат да купат билет и да одберат во кој период од денот сакаат да го посетат Акропол, а 12 часовното работно време е поделено во 11 зони во траење од еден час.
За новиот начин за посета на Акропол, Министерството за култура воведе и кампања преку видео на грчки и англиски јазик.
Во одредени денови, особено во текот на летото, процените се дека Акропол го посетуваат и до 23.000 туристи дневно.
Министерката за култура на Грција Лина Мендони, минатиот месец објасни дека била спроведена соодветна студија според која бројот на посетители на Акропол треба да биде најмногу до 20.000 дневно и додаде дека во одредени часови од денот има поголема посетеност, па затоа секоја зона ќе има и конкретен дозволен број, особено во периодот од 8 до 12 часот.
Па така, во првата зона од 8 до 9 часот дозволени ќе бидат 3.000 посети, од 9 до 10 часот 2.000 посетители итн.
Станува збор за пилотска програма до 1 април 2024 година, кога целосно ќе биде воведена и во сите други археолошки локалитети во цела Грција.