Од денеска и основците на распуст


Од денеска (14 јуни) започнува распустот и за основците во учебната 2022-2023 година, која ја обележаа недостигот на учебници за дел од учениците и губењето часови поради дојавите за поставени бомби во училиштата. Основците доучуваа бидејќи второто полугодие стартуваше неколку дена подоцна, откако зимскиот распуст беше продолжен со владина одлука.

Почетокот на оваа учебна година ќе остане запаметен по тоа што околу половина од основците, односно оние од прво, второ, четврто и од петто одделение останаа без учебници. Како што изминуваше учебната година, стануваше јасно дека дел од учениците ќе останат без учебници по некои предмети и цела учебна година. Деновиве, министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека МОН ќе го даде максимумот учебната година од 1 септември да не започне со подготвителни материјали.

За разлика од минатата година, од МОН стигна информацијата дека годинава учениците навреме ќе ги добијат свидетелствата.

– Бирото за развој на образованието, под чија надлежност е спроведувањето на постапката за набавка на педагошка документација за училиштата, вклучително и свидетелствата, веќе ја реализираше оваа обврска. По целосната испорака, секое училиште индивидуално ги одредува датумите за доделување на свидетелствата за секое одделение – соопштија неодамна од МОН.

Во пресрет на уписите во средните училишта, пак, министерот Шаќири, деновиве упати апел до деветтоодделенците да се фокусираат на средното стручно образование, посочувајќи дека со ваква диплома полесно ќе може да се вработат, но и ќе имаат добра основа за понатамошно академско образование. Запишувањето на учениците во средните училишта за 2023-2024 ќе се врши на 20 и 21 јуни и на 27 и 28 јуни, преку порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk). Конкурсот предвидува речиси 30 илјади слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. Во соработка со општините и со компаниите, во земјава се обезбедени 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.

Како што е познато, распустот за средношколците почна пред неколку дена, односно на 9 јуни. За првпат различно заврши учебната година во основното и во средното образование.