Од денеска 1.600 наставници се обучуваат за користење на Националната платформа за онлајн настава


Околу 1.600 наставници од денеска до сабота ќе се обучуваат за користење на Единствената национална платформа за онлајн настава, со цел од 1 октомври да учебната година да се одвива непречено, соопшти Министерството за образование и наука.

МОН во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Бирото за развој на образование ги спроведува обуките на наставниците коишто ќе бидат училишни обучувачи за користење на Единствената национална платформа за онлајн настава.

Обуката ќе трае од денес до сабота и со неа се опфатени 1.600 наставници и резервни наставници коишто понатаму ќе треба да го пренесат знаењето за користење на платформата на своите колеги во училиштата. 

Предавањата на училишните обучувачи ги одржуваат триесет национални обучувачи кои беа избрани од редовите на наставниот кадар во основните и средни училишта од различни општини во земјата.  Мастер тренерите претходно ги поминаа потребните обуки за да може да го пренесуваат знаењето и вештините за платформата.

Пред официјалното пуштање на платформата во употреба на први октомври годинава ќе претходат низа тестирања.