Од декември минималната плата ќе изнесува 14.500 денари

Законски утврдената минимална плата за декември во Република Северна Македонија
ќе изнесува 14.500 денари и е зголемена за 2.000 денари, а споредено со 2017 за
5.500 денари. Истовремено државата ќе ги субвенционира придонесите од 600 до
6.000 денари, за сите компании од приватниот сектор коишто ќе ги зголемат платите
за оваа сума на работниците независно дали се минимални или повисоки.
Субвенциите ќе може да се користат во следните три години, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Собранието  вчера ги изгласа Законите за минимална плата и за субвенционирање на
придонесите за раст на плата со што платите во државата продолжуваат да се
зголемуваат.

Од Министерството нагласуваат и дека приоритет на оваа влада ќе биде да се создадат квалитетни работни места, а не да се промовира евтина работна сила.

Со изедначување на минималната плата во 2017
година за работниците во текстилната и кожарската индустрија постигнавме
зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во
текстилната индустрија за 24%, односно за 3.870 денари. Со зголемувањето на
минималната плата, обезбедивме повисока плата за 90.000 граѓани. Во моментот
минималната плата во државата изнесува 12.507 денари, се вели во остатокот од соопштението.