Од декември ќе се доделува новата државна награда „Мето Јовановски“
Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ распиша Конкурс за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ во 2021 година.
Со државната награда „Мето Јовановски“ се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Конкурсот ќе трае од 15.10.2021 до 15.11.2021 година.
Конкурсот е достапен и на веб-страницата на Министерството за култура.
Македонија за првпат ќе доделува награда за човекови права. Иницијативата која датира веќе четири години доби зелено светло и во Собранието, па така кон крајот на годината државата ќе започне да ги наградува најзаслужните за унапредувањето на човековите права. Именувано по писателот и прв претседател на Хелсиншкиот комитет во земјава, Мето Јовановски, признанието ќе биде врачено и на симболичен датум – Меѓународниот ден на човековите права, односно 10 декември.
Владата уште во 2018 година ја усвои информацијата за воведување нова државна награда, која ќе го носи името на Мето Јовановски (1928-2016).
Јовановски беше истакнат активист за човекови права. Тој беше и претседател на Македонскиот ПЕН центар, припадник на повоената генерација македонски писатели кои меѓу првите пишуваа на македонски јазик и го создаваа и ширеа македонскиот јазик.
Во кариерата долга шест децении, творештвото на Мето Јовановски брои над 30 книжевни дела.
Објавуваше збирки песни, раскази, романи, песни за деца, а од нив, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици, а Јовановски преведуваше од англиски и руски јазик. Автор е на расказите и негови најпознати дела преведувани на повеќе светски јазици: „Јадреш“, 1957, „Мени на мојата месечина“, 1959, „Првите човекови умирања“, 1971, „Патот до осамата“, 1978, „Крстопат кон спокојот“, 1987, „Љубовта на Грифонот“, 2005.
Ги напиша романите „Хајка на пеперутки“, 1957 „Слана во цутот на бадемите“, 1965, „Земја и тегоба“, 1968„Сведоци“, 1970„Будалетинки“, 1973, „Орловата долина“, 1979, „Крлежи“, 1984 и „Балканска книга на умрените или Ослободување преку зборување“, 1992.
Автор е и на две книги за деца „Љуман арамијата“ од 1954 и „Војвода над војводите“ од 1980.