Од бурите со прав испарува водата на Марс
Податоците од сондата „Егзомарс-ТГО“ покажуваат дека поради бури од прашина, водата од атмосферата на Марс исчезнува во вселената пет до 10 пати побрзо отколку вообичаено. Овие бури се случуваат речиси секоја година, така што тие играат важна улога во исчезнувањето на водата од „Црвената Планета“, посочуват научниците во трудот објавен во научното списание „Нејчр астрономи“.
Научниците веруваат дека порано на површината на Марс имало реки, езера и цели океани. Вкупната количина на вода на „древниот“ Марс би била доволна за да ја покрие неговата површина со слој дебел 140 метри. Но, како испарила водата од Марс?
Две орбитални сонди се обидуваат да ја решат оваа мистерија – американското летало „МАВЕН“ и руско-европското „Егзомарс-ТГО“. Двата уреда мерат колку вода може да има во разредената атмосфера на Марс и ги следат флуктуациите во нејзината концентрација поврзани со менувањето на годишните времиња, бурите од прав и други атмосферски појави.
Анализирајќи ги податоците од „Егзомарс-ТГО“, „Мавен“ и сателитот „Марс експрес“, тимот предводен од Олег Корабљов – заменик директор на Институтот за вселенски истражувања при Руската академија на науките и еден од научните водачи на мисијата „Егзомарс-ТГО“, откри дека, при исчезнувањето на водата од површината и од атмосферата на Марс, околните бури со прашина играат неочекувано важна улога. Овие сознанија се добиени за време на моќната бура со прашина што се случи во јануари-февруари 2019 година.
Големата количина прав над Марс ја зголемила температурата на површината за 20-тина степени. Ова драматично го променило „однесувањето“ на водата во атмосферата на Марс. Претходно, сензорите на руската сонда не откриваа значителни количини вода на височина од 60 километри или повеќе, а по почетокот на бурата, нејзината количина „во воздухот“ почнала нагло да се зголемува.
Како резултат на тоа, во текот на следните 40 Марсовски дена, стапката на испарување на водата од атмосферата на планетата се зголеми за 5-10 пати. Вакви бури со прашина, како што забележуваат Корабљов и неговите колеги, се случуваат на Марс речиси секоја година. Ова оди во прилог на тврдењата дека во минатото тие играле клучна улога во исчезнувањето на водата од површината на оваа планета.