Од бесплатен превоз во Скопје, стигнавме до колабирано ЈСП
Речиси никаде во главните градови во регионот нема бесплатен превоз за пензионерите, студентите и учениците. Секаде се плаќа по некоја минимална цена
Едно од предизборните ветувања на градоначалничката Данела Арсовска беше дека ќе го направи јавниот превоз во Скопје целосно бесплатен, а речиси три години по нејзиното владеење, на праг е да се укинат и досегашните привилегии, не пак да се воведе бесплатен превоз за сите.
Бесплатен автобуски превоз во Скопје четири дена во неделата користат пензионерите, и тоа во вторник, петок, сабота и недела, а дополнително бесплатен превоз, субвенциониран од централниот буџет користат и учениците и студентите на државните универзитети.
Но, поради неисплатени долгови кон Јавното сообраќајно претпријатие, новата власт се преиспитува дали да се продолжи со бесплатниот превоз, откако претпријатието западна во долгови, па на неколку дена пред почеток на учебната година, не се знае дали на учениците, а потоа и на студентите ќе им биде овозможен тој бесплатен превоз.
Од 2022 година до денес Владата нема донесено одлука за вршење субвенциониран линиски превоз за студенти, а ЈСП самостојно решило да продолжи бесплатно да ги вози студентите. Последната исплата на Министерството за образование и наука кон ЈСП е направена во 2021 година, кога се исплатени два милиони евра.
Причината за тоа што тогаш не била продолжена оваа одлука е поради пандемијата Ковид-19, кога студентите не посетуваа настава со физичко присуство. Иако во соопштението што тогаш го објави Министерството се наведува дека тие ќе предвидат средства во својот буџет за 2023 година, тоа не било направено.
Басплатниот автобуски превоз беше укинат во март 2020 заради заштита од ширење на корона вирусот. Потоа беше враќан, па повторно укинуван.
Бесплатниот автобуски превоз за пензионери пак, во одредени денови од неделата беше воведен во 2013 година.
Ќе има ли бесплатен автобуски превоз за студентите?
Јавното сообраќајно претпријатие три години доброволно ги вози студентите бесплатно.
Пред две години, Министерството за образование вети дека ако студентите се вратат со физичко присуство ќе обезбедат средства за бесплатен превоз, но досега не се предвиделе и исплатиле пари.
Затоа и новата министерка Весна Јаневска вели дека нема основа за подмирување на овој долг.
„Нема правен основ по кој министерството за образование би го исплатило тој долг. Нема спогодба, нема договор, нема владина одлука. И да сакам, не можам. А јас сакам студентите да имаат слободен превоз и за следната година ние планираме средства за слободен превоз за студентите“, вели Јаневска, но што ќе биде оваа година, уште не се знае.
Од друга страна пак, директорот на ЈСП, Драги Кушовски, вели работите се движат во позитивна насока и дека студентите и учениците повторно ќе се возат бесплатно и од овој септември.
„Работите одат натаму да се реши проблемот. Има позитивен импулс за решавање на состојбите од сите инволвирани страни, со цел претходната ситуација што е настаната, од кои причини не знам, но сега има имплус да се решат работите позитивно за студентите и за граѓаните“, вели Кушовски.
Тој додава дека сега ЈСП располага со околу 190 автобуси, за опслужување на летниот возен ред, а од септември ќе бидат потребни најмалку 235 автобуси.
Како е во регионот?
Ни еден главен град од регионот нема бесплатен прево за сите ученици и студенти. Белград ова го овозможува само за одредени категории ученици, исто како и Загреб, Подгорица овозможува бесплатен превоз за ученици, но не и за студенти, а Сараево и Тирана имаат само пониски цени на билетите за ученици и студенти.
Загреб
Главниот град на Хрватска, Загреб, од годинава воведува бесплатен превоз за граѓаните кои наполниле 65 години и имаат живеалиште во градот Загреб, кој почна да важи од 1 јуни 2024 година.
Со оглед на тоа што има речиси 160.000 мажи и жени од Загреб кои го користат ова право, ЗЕТ (јавното сообраќајно претпријатие) овозможи преоден период во кој е можно бесплатно користење на транспортната услуга со приложување на важечка лична карта која покажува престој во градот Загреб и дека корисниците наполниле 65 години.
Редовните ученици и студенти, државјани на Република Хрватска кои живеат во градот Загреб, чиј вкупен месечен приход по член на домаќинството е еднаков или помал од 265 евра, имаат право на бесплатен годишен или месечен ЗЕТ билет. Во спреотивно за месечен билет треба да платат 13 евра. Исто така, ова право го остваруваат редовните ученици и студенти кои студираат на подрачјето на градот Загреб и со одлука на надлежниот орган им е одобрено право на сместување во установа за социјална заштита на подрачјето на градот Загреб или во згрижувачко семејство на подрачјето на градот Загреб, или им е дадено право на услуга на организирано домување на подрачјето на градот Загреб“.
Белград
Во Белград ова се следните категории на патници кои имаат право на бесплатен превоз:
Основци до 17 години и ученици кои посетуваат основни училишта за образование на ученици со пречки во развојот до 19 години, средношколци до 19 години, воени ветерани и мирновременски инвалиди, цивилни воени инвалиди, повредени лица во сообраќајни незгоди, слепи лица и нивниот придружник, лица со попреченост кои добиваат постојан додаток за туѓа нега и помош, лица кои боледуваат од церебрална парализа, инфантилна парализа и плегија, мускулна дистрофија, мултиплекс склероза, хемофилија, лица со умерена, тешка и длабока ментална ретардација и лица кои страдаат од развојни нарушувања, носителите на орденот „Национален херој“, носителите на „Партизанска споемница од 1941 година“, како и лица постари од 65 години.
Подгорица
Во главниот град на Црна Гора, Подгорица, речиси и да нема бесплатен превоз. Така, месечен билет за работници изнесува 30 евра, за студенти – 25 евра, за пензионери – 20 евра, а учениците треба да достават соодветна документација за да користат бесплатен превоз.
Инаку, цената на поединечен билет чини 0,90 евра и важи 90 минути.
Сараево
Во Сараево пак, бесплатно се возат само пензионери со примања до 580 конвертибилни марки или околу 290 евра пензија, како и членовите на семејствата на паднатите борци и добитници на воени признанија.
Цената на билетите се движи од 0.90 км до 1.80 км, за автобус, тролејбус или трамвај.
Тирана
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, деновиве најави дека од 1 јануари 2025 година пензионерите во главниот град на Албанија бесплатно ќе го користат јавниот превоз.
Во објава на Фејсбук Велиај додаде дека разбира оти инфлацијата и високите цени во Албанија се стрес за пензионерите, па општина Тирана ќе придонесе со тоа што од почетокот на следната година превозот на сите нејзини пензионери ќе биде бесплатно.
Градоначалникот на Тирана при проверка на линијата за јавен превоз целосно опремена со нови автобуси изјави дека автобускиот билет во Тирана има најниска цена во регионот на Западен Балкан.
Јавниот превоз во Тирана се опслужува само со автобуси, а еден билет чини 40 албански леки (0,40 евра).
Велиај наведува дека иако инфлацијата во последните десет години предизвика раст на цените, цената на билетите нема да се зголеми. Тој посочи дека јавниот превоз во Тирана опслужува повеќе од милион граѓани со околу 180 илјади патници дневно.
Некои од главните градови во регионот имаат билети кои се временски ограничени, па патниците можат да преминуваат од едно во друго возило, без разлика на видот на возилото, во рамки на 90 минути, со еден билет.