Од атинските пристаништа кон островите заминале 5,8 милиони патници
Од трите атински пристаништа, кон грчките острови заминале 5,8 милиони патници, според министерот за поморство на Грција Василис Кикиљас, кој во интервју за грчката телевизија „Скај“ нагласи дека туристичката сезона сè уште не е завршена, а годинава забележуваат продолжување и зголемување на сезоната, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за поморство посочи дека „ако се погледнат бројките, на островите уште има многу туристи“ и објасни дека оваа година е зголемен сообраќајот кон островите во Саронскиот залив и кон островите во североисточниот дел на Егејското море.
– Сето ова е многу охрабрувачко, бидејќи значи поголеми приходи за туристичкиот сектор, што е голем дел од БДП на земјата, за семејните бизниси, за малите бизниси со неколку вработени, за целиот поморски сектор, истакна Кикиљас.
Дополнително рече дека особено важна е и безбедноста на патниците и затоа биле извршени 25 отсто повеќе проверки на бродовите и имало 1.841 проверка, а на 154 бродови и чамци им била забранета пловидба.