Од администрацијата на Трамп си заминува и министерот за енергетика Рик Пери
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека наскоро ќе го именува новиот министер за енергетика и дека веќе одлучил кој ќе седне на таа фотелја, откако сегашниот министер Рик Пери го информирал дека има намера да ја напушти позицијата, пренесуваат британските медиуми.
Пери се најде во центарот на вниманието на јавноста заради улогата во скандалот околу Украина, заради што е покрената истрага за отповикување на претседателот.
Неименуван претставник на Белата куќа, на кого се повикуваат американските медиуми, изјави дека Пери одлуката за заминување од функцијата на Трамп му ја соопштил во претседателовиот авион, додека патувале за Тексас.
Во интервју за „Вол стрит џорнал“ Пери пред два дена негираше дека има намера да ја напушти администрацијата, но дека е отворена вратата за таква можност кога кажа дека очекува да биде на чело на министерството за Денот на благодарноста, но даде малку понеодреден одговор на прашањето дали ќе биде на неа и до крајот на годината.