Од 6 август до завчера 81 отсто од хоспитализираните и 69 отсто од заразените со Ковид-19 не биле вакцинирани
Дури 69 отсто од заразените во период од 6 август до завчера, не биле вакцинирани и 81 отсто од хоспитализираните. Во тој период, биле регистрирани 58.276 случаи на Ковид-19, од кои 17.896 или 31 отсто биле целосно вакцинирани, а 40.380, односно 69 отсто не биле вакцинирани. Од починатите, 1.571 пациент, односно 79 отсто не биле вакцинирани, а 21 отсто, односно 415 примиле вакцина, информира вчера Министерството за здравство, напоменувајќи дека починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања
Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани е голем. Од 468 моментно хоспитализирани пациенти, целосно вакцинирани се 91 лице.
Од Министерството информираат дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКоВ2.
Во претходното деноноќие, регистрирани се 434 нови случаи на Ковид-19 од направени 3.026 тестирања или 14,3 отсто. Вкупно се евидентирани 19 починати, 12 во претходните 24 часа и седум преку системот „Мој термин“, како и 421 оздравен пациент, информира Министерството за здравство, повикувајќи се на податоци на Институтот за јавно здравје.
Досега во земјава се направени вкупно 1.461.757 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 214.213, бројот на оздравени пациенти е 198.419, на починати е 7.511, а бројот на активни случаи изнесува 8.283.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 3833, Битола – 681, Прилеп – 434, Велес – 348, Кавадарци – 301, Охрид – 271, Куманово – 268. Во
Штип и Кочани има по 201 активен случај, а во другите градови под 200.
Вчера УНИЦЕФ донираше опрема за лична заштита, вредна 340.000 долари, во која има над 260.000 хируршки маски за една употреба и околу 209.000 висококвалитетни калјачи. Донацијата е наменета за институциите од областа на здравствената грижа, образованието и детската заштита.
Донацијата е обезбедена од Глобалното седиште на УНИЦЕФ за снабдување и логистика.
Во рамки на редовната соработка со Министерството за здравство, УНИЦЕФ има донирано респиратори за здравствените установи во вредност од над 215.000 долари и дополнителни количини опрема за лична заштита и КОВИД-тестови.
Вчера од Грција пристигна веста дека актуелните правила и предуслови за нашите граѓани за патување во Грција, остануваат непроменети и исто како и во изминатите шест месеци, потребен е документ за Ковид-19 и пополнет PLF формулар.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.
Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.