Од 25 до 50 отсто од заразените со корона немаат симптоми, но можат да заразат други


Повеќе нови сознанија покажуваат дека луѓе без симптоми го поттикнуваат ширењето на корона вирусот, поради што во САД се разговара на високо ниво дали општата популација треба да носи маски.

Како што јави „Си-Ен-Ен“, новите податоци од Исланд покажуваат дека 50 отсто од луѓето кои биле позитивни на тестовите за корона вирус, изјавиле дека немале симптоми.

Во САД, околу 25 отсто од носителите на корона вирус немаат никакви симптоми, изјави директорот на Центарот за контрола и превенција на болести.

„Една од информациите кои сега се прилично потврдени е дека има значителен број лица кои се заразени и остануваат асимптоматски. Тоа може да биде дури 25 отсто“, изјави директорот на ЦДЦ, д-р Роберт Редфилд.

За да се спречи понатамошно ширење на епидемијата, врвниот национален експерт за инфективни болести вели дека здравствените работници сега ги преиспитуваат насоките за носењето маски за лице.

Д-р Ентони Фаучи вели дека ќе застаане зад препораката широката јавност да носи маски за лице „ако немаме проблем да земеме маски од здравствените работници на кои им се потребни“.

Ако федералните власти препорачаат масовно користење маски за лице, тоа би било голем пресврт во однос на препораките на Светската здравствена организација и ЦДЦ, кои рекоа дека маските за лице треба да ги носат само здравствените работници, оние кои се болни и оние кои се грижат за некој болен.

„Нема конкретни показатели што сугерираат дека носењето маски од страна на масовната популација има потенцијални придобивки“, изјави д-р Мајк Рајан, извршен директор на програмата за здравствени итни случаи на СЗО.

„Всушност, има некои докази што укажуваат на спротивното, со неправилна употреба на маската односно со нејзиното неправилно носење“.