Од 24 до 26 ноември четврто издание на Деновите на финансиската писменост


Во организација на финансиските  регулаторни институции во соработка со приватните финансиски компании од 24 до 26 ноември ќе се одржи четвртото издание на Деновите на финансиската писменост со бројни е-активности

Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.

Како што соопшти Народната банка, која е еден од организаторите и учесниците во активноста заедно со Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување, се очекува  со  свои активности да се вклучи и приватниот финансиски сектор.

 

Заради условите што ги наметнува пандемијата на ковид-19, оваа година, Деновите на финансиската писменост, како што се наведува, ќе бидат организирани главно како едукативни предавања преку видеоконференциска врска, што ќе овозможи и вклученост на поголем број заинтересирани граѓани. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи ќе ги информираат граѓаните за активностите и е-настаните што се планираат, при што ќе известат како секој заинтересиран граѓанин ќе може да го пријави своето учество, наведуваат од Народна банка.

-Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Во текот на годинава, прилагодено на условите на „новата нормала“, финансиските  регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиска инклузија. За следниот период се очекува ваквите активности и дополнително да засилат, имајќи предвид дека во завршна фаза е подготовката на првата Национална стратегија за финансиска едукација,  финансиска инклузија и заштита на потрошувачите, соопштија од Народната банка на РСМ.