Од 2021 на граѓаните на ЕУ ќе им треба пасош за влез во Велика Британија

Владата на Велика Британија денеска соопшти дека на патниците од Европската унија повторно ќе им треба пасош од 2021 година за да влезат во државата.

На граѓаните на Европската унија ќе им треба повторно пасош од октомври 2021 година за да влезат во Велика Британија, наместо личната карта што се уште важи меѓу преостанатите 27 членки на Унијата, објави владиниот весник „The Border Operating Model”.

Новото правило важи и за посетителите од Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн. Британската влада донесе одлука за враќање на пасошите, тврдејќи дека личните карти се помалку безбедни.

Велика Британија официјално ја напушти ЕУ кон крајот на јануари и моментално е во преоден рок до крајот на годината.

Европскиот внатрешен пазар и царинската унија треба да ја напушти на 1 јануари, но трговскиот договор со блокот од 27 нации допрва треба да биде склучен.