Од 2021-2023 секој жител платил по 1.426 денари за данок на имот: Анализа на „Фајнанс тинк“ за самоодржливоста на општините
Во периодот 2021-2023, секој жител во просек платил по 1.426 денари врз основа на данок на имот, покажува анализата на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think), за тоа колкава е самоодржливоста на единиците на локалната самоуправа.
Според студијата, во овој период (2021-2023) дошло до значајно зголемување на износот за данок на имот по жител, односно тој е поголем за 66 отсто во споредба со претходниот период.
„Растот на приходите од имот може да се должи на зголемената наплата, но и на извршени репроценки на пазарните вредности на имотите во општините согласно соопштенија на одреден број единициц на локалната самоуправа (ЕЛС), се вели во студијата.
Така во периодот 2021-2023, Општина Центар се издвојува според најголем приход од данок на имот, со 5.166 денари по глава на жител. По неа, следуваат Општина Охрид и Општина Дојран со 4.778 и 4.447 денари по глава на жител, соодветно.
Инаку, со измените во Законот за даноците на имот, од 2022 година започна примената на повисока даночна стапка за недвижен имот што не се користи, сè додека истата не беше укината од страна на Уставниот суд во 2024 година. Со измените на Законот за даноците на имот од 2022 година, ЕЛС се обврзани да спроведуваат ревизија на пазарната вредност на имотите на секои четири години.
Оттука, повисоките приходи по глава на жител кај Општините Охрид и Дојран може да се резултат на повисоките остварени приходи од имоти што не се користат и подлежат на повисоки даноци. Од друга страна, согласно Член 9 од Законот за даноците на имот, лицата кои со своето семејство живеат во едностанбен или повеќестанбен објект за домување, имаат право на намалување на пресметаниот данок на имот од 50%. ЕЛС со најнизок остварен приход од данок на имот по глава на жител се Арачиново, Долнени и Конче, со приход кој се движи помеѓу 255 и 387 денари, што може да е резултат на послаба евиденција на имотите, но и пониска наплата, се вели во студијата.
Во истиот период, (2021-2023), учеството на трансферите од централна Власт во вкупните приходи на ЕЛС се намалило за 1 п.п. во споредба со 2017-2020.
Во 2021-2023, кај 48 отсто од ЕЛС се забележува намалување на зависноста од централниот буџет мерена преку учеството на трансферите од други нивоа на власт во вкупните приходи на ЕЛС, споредено со пораниот период, додека кај преостанатите 52 отсто зависноста е зголемена.
Најголемо намалување се забележува кај Општините Конче (-13 п.п.), Петровец (-10 п.п.) и Гази Баба (-10 п.п.). Сепак, доколку се земе медијалната стапка на зависност на сите ЕЛС за двата периоди, таа останува непроменета на 66 проценти.
„Ова укажува на генерално ист сооднос помеѓу сопствените приходи и трансферите од други нивоа на власт во периодот 2017-2023 и оттука следува дека растот на трансферите од централна власт го следи растот на сопствените приходи. Промените во зависноста од централниот буџет веројатно се должат на прераспределба на буџетски средства од централна власт согласно промените во населението од последниот Попис во 2021 година“, се вели во студијата.
Инаку, од „Фајнанс тинк“ посочуваат дека целта на студијата е да ги анализира буџетските позиции на единиците на локалната самоуправа во периодот од 2021-2023 година, наспроти 2017-2020, со фокус врз нивната финансиска самоодржливост и ефикасност.
„Во периодот на анализа, забележано е подобрување во реализацијата на приходите и расходите, при што просечната стапка на реализација на приходите е зголемена за 13 п.п., а на расходите за 10 п.п.. Особено значајна е подобрената реализација на консолидираните сопствени приходи, во просек од 61% на 78%. Сепак, има простор за подобрена наплата на даноците на имот, со оглед на половичната евиденција и индивидуалниот пристап што го имаат ЕЛС во овој процес“, се вели во заклучоците од студијата.
Исто така, се додава дека при намалено учество на капиталните расходи во вкупните расходи на ЕЛС, се нотира подобрено планирање и реализација на оваа буџетска категорија.
Стапката на зависност од централната власт останува на исто ниво, со медијана од 73%, што укажува дека сèвкупно, растот на трансферите од други нивоа на власт го следи растот на сопствените приходи.
Меѓу препораките во студијата се посочува воведување на унифициран механизам за евиденција и наплата на даноците на имот, вклучувајќи присилна наплата и електронски систем за наплата, со што ќе се олесни процесот и ќе се намалат разликите во евиденција и наплата помеѓу ЕЛС. Потоа, со оглед на ниското учество на консолидираните капитални расходи од 17 отсто во вкупните приходи, неопходно е да се даде поголем приоритет на зголемување на буџетските средства за капитални инвестиции, со цел поттикнување на локалниот економски раст и развој. Еден од заклучоците е и препораката во завршните сметки на ЕЛС да се наведат потставките на категоријата „други градежни активности“ што ќе овозможи поголема транспарентност и подобар увид во видот на капиталните инвестиции кон кои се насочуваат средствата, како што се инвестиции за изградба на патишта, мостови, системи за водоснабдување, енергетска инфраструктура и слично. понатаму, непродуктивните трошоци, како што се купување на возила и мебел, да се намалат или целосно отстранат од категоријата капитални расходи.
„Достапноста на агрегирани податоци за буџетите на сите ЕЛС во обработлив формат на веб страницата на Министерството за финансии е за поздравување. Сепак, има простор за подобрување на организацијата и прегледноста на податоците со цел да се олесни нивната употреба за анализи од ваков тип“, се вели во студијата „Колкава е самоодржливоста на единиците на локалната самоуправа?“ на „Фајнанс тинк“.