Од 2 март на полноќ на кабелските телевизии ќе се гледа само МТВ


Реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали ќе биде прекинато на 2 март, вечерта на полноќ, соопштија денес од Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите оператори. Единствено ќе може да се гледаат каналите на јавниот сервис: МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.

Од Здружението на ИКТ наведуваат дека операторите по средбите со државниот врв се согласиле да го одложат датумот за прекин за 2 март 2020 година на полноќ, за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните.

Во соопштението до медиумите тие повторуваат дека одлуката за прекин на реемитувањето е последица на последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието ги донесе на 16 февруари.

„Операторите се принудени да го прекинат реемитувањето на програмските содржини за да избегнат прекршување на Законот поради активности кои не се под нивно влијание“, се вели во соопштението.

Операторите имаат поднесено и Иницијатива до Уставниот суд за поништување на спорните одредби во законот како неуставни и побараа донесување на времена мерка со која ќе се одложи примената на усвоените законски измени.

Во изминатите неколку денови Здружението на ИКТ ги информираше Претседателот на државата, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, ресорните министри во Владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност, а беа одржани и средби во Владата и Собранието, со цел да се изнајде решение за ваквата ситуација, согласно регулативата, се вели во соопштението.

Во него се додава дека операторите се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошни штети за целата јавност.

„Заклучокот за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде на сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон правна сила спорните законски одредби кои го оневозможуваат нормалното работење на целата индустрија.

Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да наплатуваат за ТВ услуги за периодот додека трае прекинот, се вели во соопштението од Здружението на информатичко-комуникациските технологии.