Од 10 до 13 септември 12. „Гола месечина“ кај „Авионче“

Од утре до сабота ќе се одржува 12. Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ во паркот „Авионче“ во Општина Аеродром.
Како што информира Општина Аеродром, на првиот фестивалски ден со почеток во 20 часот ќе се одигра претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер во режија на Жељко Стјепановиќ. Претставата е на Градско позориште Јазавац – Бања Лука, Босна и Херцеговина, во која играат Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ.
На 11 септември 2025 година ќе се одигра претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од Здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.
На 12 септември 2025 година на репертоарот е претставата „Вонбрачна комедија“ во режија на Иван Томашевиќ. Во претставата, која е дел од Сцена Маска – Шабац, играат актерите Анета Томашевиќ, Наѓа Ристиќ, Душан Симиќ и Иван Томашевиќ.
В сабота ќе се одигра претставата „Ива и Глорија“ од Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, во режија на Јан Керекеш. Во претставата, која е дел од Театар Керекеш – Вараждин, Хрватска, играат актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња. Истата вечер, од 21:20 часот, како дел од придружната програма, ќе настапи Бојан Велевски со својот стендап-настап.
Претставите годинава ги избра Роберт Ристов, а на последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите, за кои ќе одлучува жири во состав Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска Ристов.
Претставите почнуваат од 20 часот, а влезот е бесплатен за сите.