Од 1 јуни во Швајцарија ќе може да работат сите граѓани на ЕУ, освен Хрватите

Граѓаните на Романија и Бугарија ќе имаат целосна слобода за влез, вработување и отворање бизнис во Швајцарија од 1 јуни оваа година. Според бугарското Министерство за надворешни работи, Бугарите и Романците ќе имаат истите права како и другите граѓани на Европската Унија – освен за хрватските граѓани, пишуваат бугарските медиуми.

Хрватска ќе остане единствената земја членка на ЕУ чии граѓани нема да можат да живеат и да работат под Алпите, туку ќе мора да имаат работна дозвола ако сакаат да останат во Швајцарија повеќе од три месеци, според квотата што ја воведе оваа земја, пишува „Пословни дневник“.

Швајцарија не е членка на ЕУ, но таа е тесно поврзана со Унијата преку низа билатерални договори кои ѝ овозможуваат да учествуваат на единствениот пазар на ЕУ, иако не е членка. Ова стана возможно откако швајцарскиот сојузен совет (владата на Швајцарија) на 15 мај донесе одлука за укинување на квотите за бугарски и романски државјани.

Оваа одлука, исто така, ја измени официјалната регулација за примена на договорот помеѓу ЕУ и Швајцарија за слободно движење на лица. Имено, како и некои други земји членки на ЕУ, Швајцарија воведе преоден период за прашањето на слободата на движење за граѓаните на новите земји членки на ЕУ.

Бидејќи максималното времетраење на преодниот период е 10 години, според договорот помеѓу Швајцарија и ЕУ, периодот на транзиција започна на 1 јуни 2009 година и завршува на 31 мај 2019 година.