Од 1 јануари нема да има контроли на 73 премини на Хрватска со Унгарија и Словенија


 Хрватскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ денеска истакна дека од 1 јануари 2023 година ќе се укинат граничните контроли на вкупно 73 гранични премини кон Словенија и Унгарија.

– За сите граѓани на Хрватска тоа значи дека повеќе нема да мора да покажуваат документи при преминување на границата, рече Божиновиќ, презентирајќи му ги на хрватскиот Сабор измените на законот за странци и за преминување на државната граница, кои создаваат предуслови за примена на шенгенските начела во Хрватска.

Тој прецизираше дека станува збор за 15 премини кон Унгарија и 58 кон Словенија.

Божиновиќ, исто така, нагласи дека земјите-членки треба да ги отстранат сите пречки кои би можеле да го попречат непреченото одвивање на сообраќајот на патните гранични премини на внатрешните граници. Тоа значи дека и Хрватска ќе го стори истото за да овозможи непречен проток на луѓе и стоки, најави министерот.

За разлика од граничните контроли на копнените и поморските граници, кои се укинуваат со земјите од Шенген на првиот ден од 2023 година, граничните контроли на аеродромите ќе бидат укинати на 26 март следната година.

Разликата во датумите се должи на тоа што на меѓународно ниво се воспоставени зимскиот и летниот распоред на летови, објасни Божиновиќ.