Од 1 до 21 април во земјава ќе се спроведе попис на населението, домаќинствата и становите – прв по 19 години


Фото: Б. Грданоски

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија ќе се спроведе од 1 до 21 април оваа година, а за негова доследна реализација ќе биде изготвена методологија и други пропратни документи. Конечната одлука за одржување на пописот во земјата, прв по 19 години, беше потврдена со вчерашното гласање во Парламентот, зад кое, како што најави, не застана најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. 

Собранието во рамки на продолжението на 29. седница со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во 2021. За Законот за пописот гласаа и 29 пратеници припадници од помалите етнички заедници. Ова законско решение го поддржаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива. Расправата за Предлог законот во Собранието заврши на 15 јануари.

Согласно Законот, податоците добиени од пописот на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија во 2021 ќе се користат за креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели. Индивидуалните податоци од пописот може да се користат за воспоставување, водење и ажурирање на статистичките регистри кои се во надлежност на Државниот завод за статистика, согласно закон. Ќе се попишува и резидентното и нерезидентното население.

Личните податоци добиени со пописот подлежат на заштита согласно одредбите од овој закон, Законот за државната статистика и прописите од областа на заштита на личните податоци.

Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот, што ќе се смета за критичен момент на пописот.

Со пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на државата. При спроведувањето на Пописот ќе се врши попишување на терен и ќе се користат истовремено податоци од збирките на податоци на МВР од базата на државјани на Република Северна Македонија, од МИОА податоци вклучени во регистарот на населението на земјата, од МОН од податоците за запишаните ученици во основни и средни училишта во тековната учебна година, од МТСП од податоците за лицата корисници на права на социјални примања по сите категории, од Агенцијата за вработување од податоците за економската активност на лицата, од УЈП од податоци за лицата кои имаат примања и за кои се исплаќа персонален данок на доход, од ПИОМ-Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија од податоци за примателите на пензија по сите основи, од Управата за водење на матични книги, податоци од матичните книги за родените, умрените и венчаните лица, од Агенцијата за катастар на недвижности од податоци за недвижностите и нивните движења, како и од Државниот завод за статистика од податоци од статистичките истражувања за запишани студенти на додипломски студии (прв циклус) на факултетите и високите стручни школи во академската година, како и податоците од статистичките истражувања за виталните настани и од Статистичкиот деловен регистар.

Пописот ќе се спроведе со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината. 

Вчерашната дебата во Собранието покажа дека и покрај понудените аргументи и контрааргументи власта и опозицијата останаа на своите ставови поврзани со пописот. Единствено албанската опозиција Алијанса на Албанците и Алтернатива гласаше за законот, иако пред самиот чин координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи искажа недоверба во процесот поради тоа што Владата не прифати ниту еден од нивните амандмани. Со поддршка на гласовите на овие пратеници во Собранието беше донесен законот со 62 гласа „за“. Владејачкото мнозинство повторно се соочува со недоволен број пратеници поради тоа што еден од нив е со Ковид-19, а еден во самоизолација, но и поради тоа што некои од пратениците не присуствува на седницата.

Премиерот Зоран Заев во средата, на ден пред гласањето во Парламентот, на прес-конференција уште еднаш потенцираше дека пописот е статистичка операција, а не политичка како што сака да се претстави, уверувајќи дека податоците ќе бидат реални. Тој побара од опозицијата да не повикува на бојкот, потсетувајќи дека граѓаните се законски обврзани да се попишат.

Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски по гласањето со објава на Фејсбук повтори дека со усвојувањето на Законот за попис на населението се создадени нормативните услови да се реализира оваа важна статистичка операција после 19 години.

– Институциите се подготвени, ќе имаме попис по меѓународни стандарди. Концептот е професионален и одговорен, без политички влијанија, да имаме точни, веродостојни статистички податоци и да го спроведуваат стручни лица. Според критериумите на Евростат и меѓународните стандарди, наведува Николовски.

Според него, партизирањето на пописот е штетно и целосно непотребно, бидејќи тоа е статистичка операција, која е неопходна за да се планира развојот на државата.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ поздравувајќи ја одлуката на Собранието им порача на граѓаните да бидат спокојни и да им веруваат на институциите потенцирајќи дека Државниот завод за статистика и институциите се повеќе од подготвени за спроведување на пописот, а пробниот по оваа нова методологија веќе беше поздравен од Европската комисија.

Во обраќањето на онлајн-конференцијата во организација на „Рома Интеграцион Центрум“, Маричиќ нагласи дека нашата држава повеќе не може да си дозволи „луксуз“ и да остане без попис уште неколку години, дотолку повеќе што државите членки на Обединетите Нации се обврзани спроведуваат попишување на населението и имотот.

– Без да знаеме колку точно жители има некој град, село или населено место, што точно работат, какво образование имаат, со каков имот располагаат, што точно им е потребно, нема да можеме да креираме долгорочни развојни политики и да имаме соодветен слух за потребите на сите граѓани, изјави Маричиќ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласање, а неодамна лидерот на партијата Христијан Мицкоски најави дека е можно со собирање 10.000 потписи од граѓаните тие да побараат поништување на овој закон и одлагање на пописот. Мицкоски во повеќе наврати истакна дека методологијата за спроведување на пописот не е позната, а исто така за нив е спорен и двојниот потпис на директорот на Државниот завод за статистика и неговиот заменик. За ВМРО-ДПМНЕ ова нема да биде статистичка, туку политичка операција.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вчера повторно го изнесе ставот на партијата особено по, како што рече, изјавите за проценти, по што оцени дека пописот нема да биде објективен и фер, нема да биде релевантен и реален.

– Последниве денови се лицитира со проценти и признавање и односно непризнавање на резултатите од пописот, што ми дава за право да констатирам дека нашите забелешки се оправдани и дека повеќето забелешки меѓу кои и врзаниот потпис на директорот и заменикот има некаква улога во ова законско решение и дека пописот од статистика преминува во политичка операција. Затоа од име на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ констатираме дека ваквото предложено законско решение нема да биде објективно и фер. Пописот нема да биде релевантен и реален попис, рече Мицевски.

Ефектите од ваквото законско решение ќе се видат скоро, според Мицевски, а одговорноста ќе биде на владејачкото мнозинство.