Од 1 април потребна е целосна влезна збирна декларација за увозот на стоки во ЕУ со железнички и патен транспорт


Од 1 април 2025 година сите патни и железнички превозници што влегуваат во ЕУ ќе треба да поседуваат целосна влезна збирна декларација (ЕНС) со детали за стоките што ги внесуваат во Унијата или ги превезуваат преку нејзина територија до крајната дестинација.

Ваквата одредба стапува во сила во рамки на измените во Системот за контрола на увозот 2 на Европската Унија (ИЦС2), со што од 1 април одредбите од него ќе се однесуваат и на железничкиот и патниот транспорт, со што ќе бидат опфатени сите видови на транспорт.

Системот ИЦС2 има за цел да ја зајакне безбедноста и сигурноста на стоките што влегуваат во ЕУ, преку спроведување на стандардизиран царински процес пред нивното пристигнување на територијата на Унијата. Сега со него се опфатени само воздушниот, поморскиот и внатрешниот воден транспорт, а од 1 април тој се проширува и на превозот по патишта и со железница.

Обврската за поседување на ЕНС сертификат ќе се однесува и на вршителите на поштенски и логистички услуги кои го користат патниот транспорт или железницата. Во одредени околности, податоци за ЕНС до ИЦС2 системот ќе треба да достават и крајните примачи на стоките чие седиште е во ЕУ.

Ваквата мерка се воведува со цел преку проверка на декларацијата ЕНС, царинските службеници да имаат целосен увид во стоките што се внесуваат во ЕУ и да можат да ги проценат ризиците поврзани со нив. На овој начин се зајакнуваат напорите на ЕУ за спречување и борба против царинските прекршоци и за создавање побезбеден и посигурен трговски амбиент.

Оние превозници што нема да бидат подготвени за работа според новите правила се должни да достават известување за тоа до националната царинска управа во земјата од каде им е издаден бројот за Регистрација и идентификација на економски оператори (ЕОРИ) најдоцна до 1 март 2025 година, за да добијат дополнителен период за прилагодување на новите одредби.

За усогласување со барањата на ИЦС2 системот, засегнатите деловни субјекти ќе треба да поседуваат точни и целосни податоци за своите клиенти, да ги ажурираат сопствените ИТ-системи и оперативни процеси и да обезбедат соодветна обука на своите вработени. Пред да се поврзат со ИЦС2, тие, исто така, ќе треба успешно да го поминат тестот за самоусогласеност со што ќе потврдат дека можат да пристапат до царинските служби и да разменуваат пораки со нив.

Доколку превозниците навремено не ги исполнат барањата на ИЦС2, стоките што ги превезуваат би можеле да бидат задржани на границите на ЕУ и да не добијат царинско одобрение.

Ваквите мерки се преземаат со цел да се создадат услови за постепено укинување на Системот за контрола на увозот 1 (ИЦС1), што ќе започне од 1 септември годинава. По укинувањето, ИЦС1 ќе биде целосно заменет со ИЦС2, врз основа на одредбите од Царинскиот законик на Унијата.

Со цел прилагодување на новите правила, Европската комисија секој месец организира вебинари на англиски јазик на кои економските оператори можат да се информираат и да поставуваат прашања за оперативните и техничките детали на ИЦС2. Дополнителни информации за ИЦС2, вклучително и информации за барањата за сите начини на транспорт може да се најдат на веб-страницата на Европската комисија.