Очекувања, но не и гаранции за почеток на преговорите во јуни


Има очекувања и надежи, но не и гаранции дека Северна Македонија во јуни ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија, со оглед на моменталната состојба во Бугарија, по парламентарните избори и најавите во Софија за техничка влада. Македонската страна во повеќе наврати посочи дека и е потребен конкретен соговорник од бугарска страна за да може да продолжат разговорите за решавање на спорот.

Со ставови за очекувањата за одблокирање на евроинтегративниот процес вчера излегоа вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на државата Стево Пендаровски и специјалниот претставник на Владата, Владо Бучковски.

Димитров истакна дека е потребно да се продолжи со разговор за наоѓање решение за спорот со Бугарија и почеток на преговори на земјава со ЕУ, во спротивно и двете земји и Унијата ќе бидат губитници.

– Или сите ќе бидеме губитници или сите ќе бидеме победници. Се разбира ние имаме многу што да изгубиме ако повторно нема почеток на преговорите и нема успех. Меѓутоа мислам дека и Бугарија има многу што да изгуби, бидејќи ја пропуштаме приликата и таа треба да ја вратиме, да имаме вистинско блиско партнерство и соработка. Тоа не оди и не е компатабилно со блокирање на процесот со политиката на вето. Ќе изгуби многу и ЕУ. Ќе биде многу тешко зборовите на ЕУ да бидат третирани со доверба и сериозност, не само кај нас, во целиот регион, рече Димитров вчера на настанот за донација од Словачка за Клиниката за детски болести.

Тој истакна дека има посветеност од португалското претседателство да се направи се што може и смета дека треба да направиме се за да ги искористиме сите шанси. Димитров додаде дека ако одиме по избори и календарот на избори на земјите членки секогаш ќе има некаков проблем, но потенцира дека нема гаранции оти земјава ќе ги почне преговорите во јуни.

– Нема гаранции да бидеме реални. Не сакам ни надежта којзнае колку да ја поткревам. Мое е да го кревам влогот и да бидам што е можно поискрен и дома и надвор, рече Димитров.

Министерката Шекеринска, пак вчера изјави дека не очекува без партнер од другата страна и со техничка влада да има некаков пресврт со Бугарија за нашето членство во ЕУ.

Таа потенцира дека она што земјава треба да го прави до јуни е да ги потсети сите релеватни чиинители дека ние нашите обврски ги исполнивме и оти очекуваме ист тип посветеност и доследност и од страна на ЕУ.

– Има еден дел од обврски што не зависат од нас. Ние не можеме да ја избериме бугарската влада и не можеме да го создадеме преговарачот од другата страна. Тоа на што не можеме да влијаеме погрешно е да го прогнозираме, изјави вчера Шекеринска по промоцијата на новите 55 подофицери во скопската касарна „Илинден.

Шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за МИА уште еднаш повика Бугарија да назначи поединец или ентитет со кој Северна Македонија ќе може да продолжи да преговара и да постигне компромис кој ќе ги отвори европските врати.

Пендаровски нагласува дека нашата теза секогаш била да разговараме за европските принципи и за меѓународните стандарди.

Тој вчера во интервју за Канал 5 рече дека потребно е да се  разграничи што е историски, а што политички критериум за влез во ЕУ.

Пендаровски појасни дека сакаат да предложат како понатамошен пристап во преговорите, да се разграничи што е историја, а што политика во барањата од Софија, односно дали ние не ги исполнувале условите за почеток на преговорите од историски или од политички причини.

–  Ако барате да се разговара за владеење на правото, дајте да разговараме за владеење на правото, слобода на медиуми, професионална администрација, борба против корупција… ние сме тука. Тоа се критериуми за влез во ЕУ. Ако барате да се разговара за историја, во ред, имаме историска комисија, нека работат историчарите таму. Меѓутоа, не може тоа да биде услов за влез во политичка организација направена 1957 година, изјави Пендаровски.

Според Бучковски, пак реално во овој момент не можеме да направиме многу. -Ние сме подготвени, но од другата страна немаме соговорник со полн легитимитет за да ги заокружиме преговорите со Бугарија, рече тој во гостувањето во централниот дневник на Сител.

Вели дека развојот на настаните во Бугарија навестува дека таа навлегува во сериозна политичка криза, а во следните три месеци ќе има техничка влада која ќе биде предложена од претседателот Радев.

– Сето тоа невестува дека во периодот што претстои ќе јакне улогата на претседателот Радев. Ние досега имавме редовни контакти со него и со неговиот Кабинет. Морам да признаам дека на средбата што ја имав во втората половина на декември, не видов разлика меѓу позициите кои ги имаше Владата и претседателот. Тој со гордост говореше дека и Декларацијата во Парламентот е донесена на негово инсистирање. Така што треба да бидеме свесни дека бугарските позиции ќе бидат тврди и во иднина, но од друга страна и нашите позиции се кристално јасни до каде и што можеме да направиме како отстапка во преговорите. Ние велиме – не одиме подалеку од рамките на Договорот за пријателство и соработка и сметаме дека тој е нашата најсилна заштита. Од друга страна евидентно е дека атмосферата во ЕУ станува понаклонета да се најде некое решение, истакна Бучковски.

Нагласи дека сепак за клучните политички прашања треба да имаме соодветен соговорник и додаде дека иако во Бугарија во моментот има функционални институции, сепак владите се тие кои преговараат.

Истакна дека бил убеден дека завршниот договор ќе биде направен по бугарските избори, но, вели, ако тоа не успееме да го направиме сега, тогаш втората шанса е по нивните избори за претседател кои би се случиле во ноември-декември.

Со порака за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ вчера излезе словачкиот заменик-министер за надворешни работи Мартин Клус, кој беше во посета на земјава. Тој на промоција на словачката донација за Клиниката за детски болести порача дека стратешка цел на Словачка е Северна Македонија и Албанија што побрзо да станат членки на ЕУ и затоа Братислава е против раздвојување на преговарачкиот процес за двете земји и смета дека тие треба да ги почнат преговорите заедно.

-Така е полесно и за двете земји, а и за нас, бидејќи полесно ќе можеме да ги споделуваме искуствата, дури оние што ги има Словачка, што секако не се само позитивни. Ако двете земји ги започнат преговорите заеднички, ќе можеме побрзо да ги донесе и Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Тоа е стратешка цел на Словачка, истакна Клус.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со т.н. нон-пејпери што се појавија последниве недели, Клус рече дека можеби е подобро што не ги знаеме нивните автори, бидејќи тие документи носат опасна идеја за промена на границите во регионот.

– Секој обид да се разговара за духовите од историјата, дури и за промена на границите треба да се тргне од маса. Треба да се фокусираме на позитивната агенда и на процесот на проширување на ЕУ, а не на исторски, јазички или билатерални, додаде Клус.

Надеж дека до крајот на актуелното претседателство на ЕУ ќе се одржи првата меѓувладина конференција неодамна изнесе и актуелниот претседавач, Португалија.

Ана Паула Закариаш, државната секретарка за европски прашања на Португалија објасни дека на 20 април за време на Советот за општи работи министрите имале дискусија за Северна Македонија и Албанија, како и општо за проширувањето.

– Би рекла дека сите земји членки сакаат да видат придвижување тука, претседателството разговараше со земјите кандидати и со земјите членки и со поддршка на еврокомесарот Оливер Вархеји разговаравме со бугарските власти, изјави тогаш Закариаш на прес-конференција.

Таа додаде дека во овој момент Бугарија се наоѓа во постизборен период, но дека дебатата за Северна Македонија продолжува за да се дојде до резултат.