Оценка од Берлин: Блокадата на Бугарија фрла сенка врз целиот Западен Балкан


Според Кристине Хулман, шеф на одделението за Западен Балкан во германското министерство за надворешни работи, европската перспектива на земјите од Западен Балкан ќе биде надворешно-политички приоритет и за новата влада во Берлин

 

Одложувањето на отворањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, поради бугарското вето, ги засенува аспирациите на регионот за европска интеграција. Затоа ЕУ мора да испорача што е можно побрзо, оценува Кристине Хулман, шеф на одделот за Западен Балкан во германското министерство за надворешни работи.

Во интервјуто за „Јуропијан вестерн балканс“ Хулман вели дека има три главни предизвици кои треба да се решат во овој регион. „Прво, и покрај некои многу неодамнешни пофалби за напредок, севкупната динамика на реформи во земјите од Западен Балкан сè уште е прилично бавна. Ова особено се однесува на важната област на владеење на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Неодамнешните извештаи за земјата на Европската комисија јасно го потврдуваат тоа. Сите влади во регионот треба да продолжат со својата посветеност, користејќи ги извештаите за земјата како водич“, вели таа. Според Хулман, билатералните прашања го попречуваат напредокот на целиот регион, бидејќи ја отежнуваат регионалната соработка. Затоа напредокот во дијалогот меѓу Косово и Србија е од огромно значење. Сите релевантни прашања треба да се решат во рамките на дијалогот за нормализација.

Како трето, Хулман ја нагласува блокадата на Бугарија за Македонија и Албанија: „Одложувањето на отворањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, поради бугарското вето, ги засенува аспирациите на регионот за европска интеграција. Овде, ЕУ мора да испорача што е можно побрзо“, нагласува шефицата на одделот за Западен Балкан во германското МНР.

Таа додава дека создавањето на заеднички регионален пазар (една од целите на Берлинскиот процес) е историски проект насочен кон воведување слобода на движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. „Ова мора да биде приоритет за сите земји од Западен Балкан, бидејќи заедничкиот регионален пазар не само што ќе донесе економски раст, туку и ќе обезбеди дека грантовите од 9 милијарди евра од Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ ќе имаат максимално позитивно влијание“, вели Хулман.

Хулман нагласува дека ситуацијата во Западен Балкан има директно влијание врз ЕУ и нејзините земји-членки и затоа е од стратешко значење. Германија има одлични односи со сите шест земји од Западен Балкан и е тесно поврзана преку инвестиции, економска соработка и контакти луѓе-луѓе. „Затоа, убедена сум дека и следната германска влада ќе го смета Западен Балкан и неговата европска перспектива како надворешно-политички приоритет“, оценува Кристине Хулман.