Обвинување: Собранието го сокри огласот за Народен правобранител


Фото: Б. Грданоски

Собранието го сокри огласот за Народен правобранител од јавноста и на крајно нетранспарентен и малициозен начин ја започна постапката за именување нов Народен правобранител, обвини Мрежата за заштита од дискриминација.

Од таму велат дека на седница на 26 ноември Собранието изгласало одлука за распишување на оглас за избор на Народен правобранител и ја објавило одлуката само во Службен весник и во три печатени медиуми.

„Имајќи го предвид повеќегодишниот тренд на напуштање на печатените медиуми и сѐ поголемо читање и информирање од електронските медиуми, може да се заклучи дека ваквото објавување на огласот е тенденциозно со цел што помала информираност на јавноста, а со тоа и на потенцијалните заинтересирани кандидати за пријавување по огласот. Ниту еден поголем електронски медиум, вклучително споментатите печатени медиуми на своите веб-страници, немаа објевено никаква информација за огласот за избор на Народниот правобранител“, се наведува во соопштението.

Според Мрежата за заштита од дискриминација ова е особено симптоматично бидејќи повеќе поголеми медиуми континуирано известувале околу потребата за распишување на оглас за избор на нов Народен правобранител и, како што наведуваат, покажува дека Собранието не ги известило ниту медиумите за оваа одлука.

„За ова воедно говори и фактот што ниту една релевантна домашна или меѓународна организација воопшто не беше запознаена со распишувањето на огласот за избор на нов Народен правобранител, ниту со рокот во кој заинтересираните кандидати можеа да се пријават на огласот“, се наведува во соопштението.

Дополнително, велат од Мрежата за заштита од дискриминација, малициозен е и начинот на објавување на одуката за распишување на огласот на веб-страницата на Собранието.

„Сите јавни огласи на Собранието се објавени на веб-страната на Собранието во категоријата „Огласи“. До моментот на изготвување на оваа реакција огласот за избор на нов Народен правобранител не може да се најде во оваа категорија, а одлуката за него може да се најде само во дневниот ред за 22-та седница, објавен во делот „Пленарни седници“. Оттука, јасно е дека целта на Собранието е да го затскрие огласот од очите на јавноста и се остави поголем простор за партиско пазарење во изборот на Народниот правобранител помеѓу парламентарните партии“,  велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Од таму велат дека ги осудуваат и пратениците кои гласале по предлог одлуката за објавување на оглас за избор на нов Народен правобранител, а за истото не ја известиле јавноста, особено бидејќи го знаеле начинот на објавување на јавниот оглас.

Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието да го поништи овој оглас и јавно и транспарентно да објави нов оглас за избор на Народен правобранител. Од таму сметаат дека огласот намерно не се дистрибуирал во јавноста бидејќи кандидатот за Народен правобранител бил веќе договорен помеѓу партиите.