Обвинителството води шест предистраги за тендери на „Електрани на Северна Македонија“


Јавно обвинителство работи на повеќе предмети поврзани со „Електрани на Северна Македонија“, РЕК „Битола“ и случаи поврзани со набавка на енергенти, обелодени државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Одговорот дојде на прашањето – дали обвинителството води и други предистражни постапки за работењето на ЕСМ по отворањето на истрагата за случајот „Адитив“.

„Па, има. И еве првпат ќе ви соопштам дека во моментов Основното јавно обвинителство Битола работи на шест постапки за тендери. Плус работи и на други, за други постапки за набавка на јаглен, мазут и така натаму, што значи дека има доста работа. Се прибираат докази. Во еден дел активирани се и МВР и БЈБ со нивното Одделение за сузбивање на криминалот, така што во скоро време очекувам и таму да имаме резултати“, изјави државниот јавен обвинител.

Според него, ОЈО Битола интензивно работи, со полн капацитет, на овие предмети и од први февруари таму ќе се формира истражен центар.

„Истражен центар останува да се формира во ОЈО Битола и во ОЈО Штип, така што се надеваме дека ќе биде од голема помош“, изјави Коцевски.

Како што кажа Коцевски, причината поради која сите овие предмети ги води ОЈО Битола е што потенцијалните кривични дела се случиле на територијата која ја покрива тоа обвинителство. А најголемиот енергетски капацитет на таа територија е РЕК „Битола“.

На оваа изјава на Коцевски претходи истрагата позната во јавноста како случај „Адитив“. Во неа 23 лица се осомничени дека учествувале во набавка на адитиви за потребите на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“, кои не само што биле платени неколкукратно поскапо од пазарната цена туку потоа и речиси не се употребувале. Има сомненија дека адитивот предизвикал и штета на машините, таму каде што бил употребен. Истрагата се отвори по новинарски истражувања на ИРЛ.

Дека работењето на претходното раководство на „Електрани на Северна Македонија“ е предмет на интерес на истражните органи потврдија и од државната компанија. Директорот за производство Зоран Коњановски, во интервју за „360 степени“ пред околу два месеца, кажа дека дел од документацијата веќе е предадена на надлежни институции. Обвини дека во компанијата се одвивал лукративен добро смислен проект, за сметка на енормно зголемување на трошоците за производство на електрична енергија.