Обвинителството во Битола уште нема добиено известување од МВР за „Битолски Монмартр“


 

БИТОЛА – Основното јавно обвинителство од Битола тврди дека досега не добило известување од МВР за случајот со „Битолски Монмартр“ и носењето на деца во Бугарија на средби со тамошни политичари, меѓу кои и претседателот Румен Радев.

Од Основното јавно обвинителство Битола велат дека најавеното известување од министерот Оливер Спасовски, по кое треба да се испита дали има злоупотреба на деца за политички цели, не е стасано на адреса на ОЈО.

Прашањето е како „патува“ известувањето од МВР до ОЈО, дали по меил, курир или преку пошта, па треба време да биде архивирано и процесирано?

„До Основното јавно обвинителство Битола до овој момент не е поднесена ниту кривична пријава ниту известување за наведениот настан“, се наведува во одговорот од ОЈО.

Од СВР – Битола за „Независен“ велат дека известувањето конципирано по допрен глас е испратено, за што вчера во изјава пред битолските новинари потврди и самиот министер Спасовски.

„Во моментот процесното дејствие коешто стоеше на  располагање на Секторот за внатрешни работи – Битола е да се поднесе известување до Јавното обвинителство во однос на овој случај. Очекуваме да видиме дали ОЈО ќе даде одредени наредби за прибирање на соодветна документација“.

Министерот напомена дека „ниту еден родител, нити ‘Меѓаши’ или друга организација нема доставено кривична пријава. Апелирам и за овој и за друг случај да се достават кривични пријави, да се земаат изјави на записник во однос на овие случаи за да можат и институциите да постапуваат. Не треба да ги отвораме предметите по допрен глас. По известувањето до ОЈО веќе имаме предмет“, рече вчера министерот Спасовски.

Според правници од Битола, со кои разговараше „Независен“, за овој предмет и прашањето дали има или не злоупотреба на децата од „Битолски Монмартр“ за политички цели, е процес за кој би требало да се постапува во редовна постапка и нема итност на случајот за евентуално приведување или евентуален притвор. (А.Б.)