Обвинителството повлече три од четирите обвиненија против филипинската потпретседателка Сара Дутерте
Филипинскиот Сенат, кој заседава и како суд за импичмент, денеска го одобри барањето на обвинителството за повлекување на три од четирите обвиненија против потпретседателката Сара Дутерте, оставајќи го обвинението за необјасниво збогатување како единствено прашање за кое треба да одлучуваат сенаторите во постапката што би можела да ѝ го оневозможи кандидирањето за претседателка во 2028 година.
Од јули годинава обвинителството презентира докази против Дутерте по неколку основи – дека ја изневерила довербата на јавноста, стекнала богатство на необјаснив начин, го прекршила Уставот, била вмешана во корупција и поткуп, како и во други тешки кривични дела.
Главниот обвинител Хервил Луистро денеска пред судот изјави дека бараат повлекување на повеќето обвиненија, истакнувајќи дека доказите што обвинителството веќе ги презентирало се „суштински и убедливи“ за нејзино разрешување од функцијата.
Со оваа одлука, обвинителството ги повлече обвиненијата за злоупотреба на доверливи фондови, поткуп и наводни закани упатени кон претседателот Фердинанд Маркос Помладиот, првата дама и поранешниот претседател на долниот дом на парламентот.
„Концентрирањето на едно обвинение значително ќе го стесни опсегот на прашањата пред судот, што ќе донесе практични придобивки за Сенатот, за обвинетата и за јавноста“, изјави Луистро.
Кабинетот на потпретседателката Сара Дутерте досега не го коментирал овој потег, но нејзиниот адвокат оцени дека постапката е неправедна, посочувајќи дека одбраната со ова се лишува од можноста да го презентира својот став и аргументи во врска со повлекувањата.
Судот за импичмент претходно одлучи дека при крајното гласање за осудителна пресуда ќе се бројат само гласовите на оние сенатори-судии кои имаат право да учествуваат во постапката, со што значително би се олеснило постигнувањето на двотретинското мнозинство потребно за осудителна пресуда.
Доколку биде осудена, на Дутерте би можело трајно да ѝ биде одземено правото да извршува јавни функции, со што автоматски би ѝ било оневозможено да учествува во претседателската трка во 2028 година.