Обвинителството отвори истрага за плацевите на Водно, приведен кумот на Груевски


Фото: Б. Грданоски

Полицијата денеска го приведе Ристо Новачевски, кој е кум на поранешниот премиер Никола Груевски кој и натаму е во бегство во Будимпешта. Тој е уапсен на барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поради спорните плацеви на Водно каде како купувачи се јавуваат сомнителни офшор компании.

Една од компаниите во чија сопственост е земјиштето од 10-тина илјади квадратни метри на Водно е „Сирах Инженеринг“, која пак е во сопственост на „Сирах Лимитед“ – фирма регистрирана во Белизе и во сопственост на Новачевски.

Новачевски денеска ќе биде однесен пред судија, а полицијата наводно веќе извршила и претрес во неговиот дом.

Обвинителството покрај Никола Груевски и неговиот кум Ристо Новачевски, за перење на пари ги сомничи и поранешниот разузнавач Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, како и Ненад Јосифовиќ.Тие не се приведени, бидејќи за нив веќе постојат мерки на претпазливост.

Овој случај го отвори згаснатото СЈО.