Обвинителството нема да биде селективно, вели новиот јавен обвинител Љупчо Коцевски


Љупчо Коцевски дава свечена заклетва (Фото: Б. Грданоски)

 

Да бидеш државен јавен обвинител е тешка и одговорна работа пред која стојат многу предизвици, но ценам со моето долгогодишно искуство и знаење можам да одговорам за функцијата што ќе ја извршувам, изјави денеска новиот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, веднаш по свечената изјава пред претседателот на Собранието, Јован Митрески.

Транспарентноста е едно од основните начела во програмата доставена до пратениците и јавноста, вели Коцевски, бидејќи како што рече, транспарентноста ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста, ефикасноста кај самите обвинители, а сето тоа ќе ја зголеми довербата во јавноста.

„Јавното обвинителство треба да биде единствениот орган што ќе се бори против корупцијата и ценам дека ова што го ветувам ќе го исполнам. Во однос на транспарентноста, еве пред медиумите изјавувам дека јас и Обвинителството ќе бидеме отворени за јавноста и ќе бидеме во секое време достапни за информации кои што се во интерес на јавноста“, рече Коцевски.

Обвинителството ќе отвора предмети за сите поднесени пријави и ќе нема селективна селекција во гонењето на сторителите на кривичните дела.

„Не би навлегувал во детали во однос на одредени предмети, но секако за што било Јавното обвинителство ќе формира предмети за сите поднесени пријави, за сите оние што по чуен глас ќе биде допрен до јавниот обвинител и ќе нема никаква селективност за евентуално гонење на сторители на кривичните дела“, изјави Коцевски.

Собранието завчера едногласно со 62 гласа „за“ го избра Коцевски за нов државен јавен обвинител.

Коцевски е поранешен адвокат, кој во 2008 година е избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Од јануари 2022 година е избран за јавен обвинител во републичкото Јавно обвинителство, меѓу десеттемина обвинители во оваа институција.